Меѓу десетте најголеми извозници на оружје во светот во периодот од 2014-та до 2018-та, седум се европски држави, покажуваат податоците на стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни студии (SIPRI).
Според податоците, петте најголеми извозници извозуваат вкупно околу 75% од оружјето во светот. Меѓу нив се Русија, Франција и Германија. Првото место, како и во претходните истражувања, го заземаат САД. На четвртото место е Кина.
Првите пет на листата се следени од од Британија и Шпанија. Осма по извозот на оружје е Израел, а на деветто и десетто место се Италија и Холандија.
Иако Русија е втора, во наведениот период земјата бележи пад на извозот од 17%. Кај Франција ситуацијата е обратна – бележи огромен скок во извозот на оружје – од дури 43%.
Според SIPRI, падот на извозот на Русија се должи на опаѓањето на побарувачката од двата најголеми клиенти – Индија и Венецуела. Конкретно во Венецуела, од 2009-та наваму, рускиот извоз на оружје е опаднат за цели 96%.
Од друга страна, извозот на оружје од земјите во Западна Европа, на Блискиот Исток, бележи значаен пораст. Франција извезла цели 261% повеќе оружје на Блискиот Исток во споредба со периодот пред 2009-та, а зад неа е Германија, со зголемување од 125%. Италија го зголемила извозот кон Блискиот Исток за 75%, додека Британија за 30%.
Овие бројки, пак, се должат на фактот што Саудиска Арабија е најголемиот увозник на оружје на светот, но и клучен клиент за многу држави, меѓу кои и Франција, Британија, Шпанија и Шведска.
Што се однесува до увозот на оружје во западните земји, намален е за вкупно околу 13%, а една од главните причини се долготрајните последици од глобалната економска криза, покажуваат податоците на Институтот. Сепак, одредени земји, меѓу кои и Норвешка, го зголемуваат својот арсенал, главно поради „растечките тензии“ во односите со Русија.