
Дирекцијата за заштита и спасување испрати апел до сопствениците на угостителските објекти и организаторите на различни настани, потсетувајќи ги на важноста одговорно да ги спроведуваат прописите за заштита од пожари и безбедност на посетителите. Во интерес на избегнување трагични инциденти, како што се пожари или паника за време на масовни собири, ДЗС истакнува дека спроведувањето на безбедносните мерки не е опција, туку обврска на секој организатор.
За да се обезбеди максимална заштита на гостите, ДЗС потсетува на обвзаката на почитување на максимално дозволениот број посетители во објектот, како и на обврската сите коридори и патишта за евакуација да бидат слободни. Излезните врати треба да бидат отклучени и во добра функционална состојба. Освен тоа, редовното одржување на противпожарните апарати е клучно, тие мора да бидат лесно достапни за употреба. Забрането е користење пиротехнички средства и отворен пламен во затворен простор или било кои други потенцијално опасни материјали, во согласност со законските прописи.
„Ниту една прослава, ниту една забава не вреди повеќе од човечкиот живот. Затоа, апелираме до сопствениците и организаторите строго да го почитуваат дозволениот број посетители, да овозможат исправна противпожарна опрема и пристапни излези за евакуација,” изјави директорот Ангелов.



