Помпео ја предупреди Унгарија за врските со Русија, Сијарто смета дека тоа е „крајна хипокризија“

Американскиот државен секретар Мајк Помпео ја предупреди Унгарија поради врските со Русија. Тој ја повика земјата да не дозволи Москва да прави раздор меѓу западните народи и НАТО сојузници.

„Не можеме да му дозволиме на Путин да прави раздор меѓу пријателите во НАТО“, изјави Помпео на заедничката прес-конференција со унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто при посетата во Будимешта. Тој додаде дека Русите и Кинезите добиле поголемо влијание во Унгарија, а „со ништо“, нагласи, „не ги делат идеалите кои на Американците им се многу важни“.

Сијарто, пак, предупредувањето од Помпео го оцени како „огромна хипокризија“, наведувајќи дека додека од една страна „западњаците“ остро ја критикуваат Русија, од друга страна соработуваат со Москва во областа на енергијата.

Вашингтон е загрижен поради наклонетоста на унгарската дипломатија кон истокот и развојот на политичките односи со Москва и Пекинг во последниве години. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во 2017-та двапати го пречека рускиот претседател Владимир Путин и се заложуваше за укинување на европските санкции кон Русија. Соработката на Унгарија и Русија е посебно развиена во енергетскиот сектор, во контекст на унгарската зависност од руските енергенси.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

Вашингтон е загрижен и за неодамна постигнатиот договор меѓу Будимпешта и кинескиот телекомуникациски гигант Huawei околу развојот на 5G мрежата во Унгарија. Како што наведува компанијата на својот вебсајт, нивниот огранок во Унгарија претставува нивен центар за Европа. Западот, пак, е сè позагрижен околу можната желба на Huawei да шпионира во корист на Пекинг.

- Реклама -