Русија нема да стави вето на „Северна“, но ќе преземе контрамерки против Македонија во НАТО

Русија нема ништо против Преспанскиот договор или било кое ново име на Македонија, но има против членството на Македонија во НАТО, изјавил рускиот амбасадор во Грција – Андреј Маслов, на брифингот во средата во Атина по повод посетата на грчкиот премиер Ципрас на Москва.

Прашан дали Русија ќе стави вето на Преспанскиот договор/новото име на Македонија во Советот за безбедност на Обединетите нации, Маслов вели дека Москва ќе го признае секое прифатено решение за името меѓу Скопје и Атина:

„За нас не прави разлика. Министерот за надворешни – Сергеј Лавров, беше јасен околу ова прашање уште пред речиси една година. Тој рече дека кое и да е името за кое ќе се сложат Атина и Скопје, ако е официјално прифатено и имплементирано и заштитено во Уставот на Република Македонија, тогаш ние секако ќе го признаеме“.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

Сепак, истакнал Маслов, Русија останува против членството на Македонија во НАТО, а ако тоа се случи, земјата ќе биде приморана да преземе контрамерки. Маслов не прецизирал какви би биле тие евентуални контрамерки.

Маслов оценил и дека Преспанскиот договор нема да влије на односите меѓу Русија и Грција, кои, според него, полека се нормализираат по дипломатските инциденти од летото, пишува „Катимерини“.

Извор: МКД.мк

- Реклама -