Милијардерот Роберт Бигалоу е основач на хотелскиот ланец Budget Suites, и вели дека во брзо време треба да се подготвите за навистина необичен хотелски престој. Тој планира до 2021 година да го изгради првиот вселенски хотел.
Неговата нова компанија – Bigelow Space Operations, за чие постоење соопшти во вторникот, е дел од Bigelow Aerospace, основана пред 1999 година.
Bigelow Aerospace во моментов е во процес на изградба на два вселенски модула – B330-1 и B330-2, за кои милијардерот тврди дека се мошне напредни во поризводството.
Овие два модула ќе служат како орбитирачки хотели. Имаат должина од 16 метри, и можат меѓусебно да се поврзуваат, со што во крајна линија се добива голема приватна вселенска станица. Ќе кружат во ниска орбита околу Земјата.
Ако планот успее, вселенскиот хотел на Бигалоу ќе претставува не само туристичка дестинација, туку ќе служи и како лабораториски простор за разните влади кои од тоа ќе имаат потреба.
Цената, прогнозира Бигалоу, ќе биде осумцифрена, но од пониските (што значи минимум 10 милиони долари).
Неговата компанија инвестира и во други проекти кои имаат за цел понатамошно и долгорочно истражување на вселената. Во соработка со United Launch Alliance (ULA), работат на тоа до 2022 година да го испратат нивниот хотел и во ниската орбита на Месечината.
Што се однесува за понатаму, најголемата цел на компанијата е да испрати луѓе на Марс, но тоа би бил огромен скок за човештвото, истакнува Бигалоу.