Објавена е листата на платите на пилотите од Формула 1 за оваа сезона. Повторно на чело на листата е Фернандо Алонсо, додека двократниот и актуелен светски шампион Себастијан Фетел е само четврти, со истата сума која ја заработуваат и Марк Вебер, Нико Розберг и Фелипе Маса.
Листата е објавена од страна на шпанскиот весник El Mundo и според неа заработувачката на возачот на Ферари, Фернандо Алонсо, е 30 милиони евра. Таа е речиси два пати поголема од онаа на неговиот поранешен тимски колега Луис Хамилтон, кој се приближува кон крајот на својот сегашен договор и можеби ќе склучи нов за поголема сума – шпекулациите велат 22 милиони евра.
И Џенсон Батон сега има иста плата како Хамилтон – 16 милиони, додека Фетел, Розберг, Вебер и Маса се проценети на 10 милиони евра, за два милиони повеќе од годишната плата на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер. Изненадувањето на сезоната, Кими Раиконен, заработува само пет милиони евра, што е сериозно многу помалку од платата од 16 милиони евра кога стана светски шампион со Ферари.
На крајот на листата се Серхио Перез, Вита Петров и Педро де ла Роса кои имаат половина милион, Пол ди Реста со само 200.000, а на дното е дебитантот Чарлс Пик со 150.000.
Објавено во соработка со Авто Плус.