„Teсла конвој 2014“ во Скопје

Уште еден настан кој ја одбележа Европската недела на мобилност во државава. Во нашиот град застана „Tесла конвој 2014“, кој има за цел промоција на електрични возила, нивната примена и развивање на еколошката свест во регионов.

 

„Tесла конвој 2014“ во кој главна ролја има електричното возило Tesla Model S, сопственост на  бизнисменот од Загреб, Саша Цветојевиќ пристигна во Скопје. Во рамките на македонската турнеја и тетовци ќе можат да проверат дали заштедата и еколошкиот предзнак се исплаќаат. Инаку, како истакна Цветојевиќ, конвојот ќе помине пат од 2.200 километри (Green Route) во градовите во регионот, пред сé со цел промовирање на електрични возила и потребата за инфраструктура за полнење на истите. Целта е во целост да се популаризира употребата на електрични и хибридни возила во Југоисточна Европа, да се подигне свеста за животната средина и користење на нови иновативни технологии, заемна соработка за користење на ЕУ фондови, подигање на свеста за инфраструктура на станици за полнење на електрични возила, поддршка и менторство на претприемачите инженери од страна на бизнис ангели и ментори, креирање на зелен коридор со места за полнење на електрични возила.


Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски оствари средба со претставници на „Тесла конвојот 2014“, Илија Вучков, Претседател на ЕМКИЦЕ (Европско-македонски центар за иновации и знаење) и Саша Цветојевиќ (сопственик на возилото) и ја даде својата поддршка на оваа иницијативата која има за цел да ја популаризира употребата на електрични и хибридни возила во Југоисточна Европа, да ја подигне свеста за почиста и поздрава животна средина и за креирање зелен коридор со станици за полнење на електрични возила.

– Градот Скопје се вклучи во Неделата на мобилност бреку голем број на настани и проекти, а сега и со иницијативата „Тесла конвој 2014“, која има за цел- промоција на бенефитите од користењето на електромобилите. Овие возила се еколошки и не загадуваат, не прават бучава, а имаат и голем економски бенефити. Ова возило со едно полнење од 85 киловат часови може да помине околу 400 километри, што би чинело околу 350 денари, рече Трајановски.- Градот досега во повеќе наврати направи одредени промоции и е подготвен за старт на електромобилозацијата во Скопје. Ние како институција сме дел од многу проекти, имаме веќе подготвени студии и планови и наскоро се очекува нивната реализација, потенцира градоначалникот.

Ова е дел од една поширока иницијатива почната во Смиљан, родното место на научникот Никола Тесла. Од 24 септември до 18 октомври ќе се одржат серија предавања, презентации и работилници за Никола Тесла и неговите дела. Ќе бидат презентирани и патенти кои компанијата Тесла Моторс ги дала на слободна употреба низ целиот свет. Овие патенти се објавени на 12 јуни.

– Целата акција предвидува и натпревар на предлози и идеи за бизнис, а потоа, за избраните проекти ќе следува финализирање на истите. Воспоставување на регионален претприемачки еко-систем и поттикнување на директна соработка меѓу претприемачите и инвеститорите е една од целите на оваа иницијатива. Целта е да се создаде рамка во која ќе се отвори заеднички инвестициски фонд со улогата на бизнис ангелите и државите од регионот, потенцираше Илија Вучков, Претседател на ЕМКИЦЕ.

Во рамки на регионалната инцијатива на хибридни возила и нивна популаризација и употреба, Македонија ја доби првата станица за полнење на овие уреди. Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири оваа станица ја пушти во употреба, која се наоѓа на платото пред Штуловиот универзитет во Скопје.

- Реклама -