Заврши одгасувањето на Вардариште, во подготовка е проект за голем парк

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека е завршен процесот на одгасување на Вардариште, по што следуваат деконтаминација и чистење на целиот простор. Проектот за претворање на локацијата во голем парк е во подготовка, а неговиот изглед треба да биде претставен на почетокот на следната календарска година.

12
Заврши одгасувањето на Вардариште, во подготовка е проект за голем парк (Проверено)
Фото: Проверено

Тој рече дека само чистењето на депониите не е доволно за трајно решавање на проблемот поради недостиг од инспекциски служби и човечки капацитети за постојан надзор. Затоа, според него, просторот треба да добие нова намена што ќе биде корисна за граѓаните.

Ѓорѓиевски како пример посочи простор од повеќе од 50.000 квадратни метри во општина Бутел, каде што, како што рече, бил спречен обид за изградба на станбени згради.

Градоначалникот изјави дека претходно имало најави за гасни централи и за користење на метанот за затоплување на Скопје, но дека испитувањата покажале оти станува збор за незначителни количества метан. По деконтаминацијата, на Вардариште треба да се нанесат слоеви квалитетна земја на кои ќе се уреди паркот, а граѓаните ќе можат да предложат идеи за неговиот изглед.