ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да го повика пријателот Шолц да го направи и со Бугарија тоа што го направи со Орбан за Украина

„СДС се толку одлепени од реалноста што не сфаќаат дека глупости од типот ВМРО е виновно зошто нема почеток на преговори, никој повеќе не им прифаќа како аргумент, ниту пак имаат некаква поента“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од владејачката партија дека поради нив Македонија не ги почна ЕУ преговорите.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДСМ, наместо да троши време на прес-конференции, треба да побара од германскиот канцелар да извршел притисок врз Бугарија, како што направи со унгарскиот премиер Виктор Орбан за Украина.

„Наместо да трошат време на прес конференции, нека го повикаат Олаф Шолц, канцеларот на Германија и пријател на Македонија, а кој истовремено е претседател на сестринска партија на СДС, како што го убедил Орбан да го напушти состанокот за да ја протнат Украина, така да направи и со Бугарија за нас“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако тоа не се случи, велат, јасно е дека Бугарија не е единствена причина за блокадата на ЕУ интеграциите, туку криминалот и глупостите на власта, а големите членки на ЕУ, според нив, тоа го кријат зад Бугарија.

Опозицијата, исто така, „го поздрави“ потегот на ЕУ за Украина, бидејќи, според нив, тоа значи дека ако ЕУ сака, кога се работи за нејзините стратешки интереси, може сè да направи. Секако, опозицијата алудира на Македонија и спорот со Бугарија и евентуалната промена на преговарачката рамка, за што тие се залагаат.

„Истовремено искажуваме задоволство од потегот на Унијата, која уште еднаш докажа дека доколку искрено се сака, може да направи сè што е потребно за остварување на сопствените стратешки цели. Гледаме дека ако се сака, сè се може. И тоа посебно нè радува и охрабрува“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено, опозицијата уште еднаш ја критикуваше власта за „епидемијата на корупција“, како што се изрази американската амбасадорка Агелер.

„Воедно зачудува и истовремено воодушевува нивото на мазохизам на СДС, кои и покрај шамарите кои упорно ги добиваат од Унијата со Извештајот на ЕУ, а последно и со вакви јасни сигнали, дека во земјава има епидемија на корупција и хаосот и нефункционалноста на институциите се клучна причина зошто не нè сакаат во ЕУ, дури и кога се спремни да молат премиерот да излегуваат од состаноци за да им помине некоја точка од интерес и за која нема дилема.

Исто така чуди зошто епидемијата на корупција во Македонија не е добар сигнал за да почнеме преговори, имајќи го предвид фактот и рангирањето на Украина на листите на Транспаренси и натписите во угледните западни медиуми дека е кралство на корупцијата. Веројатно СДС и ДУИ имаат уште да надокнадат и не го стигнале врвот, иако некогаш врвот за некои е дно“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -