Радев со „честитка“ до Пендаровски: „Илинденско-преображенското востание – голем и значаен настан од заедничкото минато“

Бугарскиот претседател Румен Радев упатил честитка до шефот на државата Стево Пендаровски по повод празникот 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.

Во честитката, Радев забележува дека годинава се одбележуваат 120 години од, како што навел „Илинденско-преображенското востание“ кое, додал, е „голем и значаен настан од заедничкото историско и културно минато на Бугарија и Република Северна Македонија“.

„Целта и саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание е еден од мостовите низ времето што ги поврзува двете држави и нивните граѓани“, посочил Радев, соопшти прес-службата на неговиот кабинет, а пренесоа Бугарската телеграфска агенција (БТА) и Медиумската информативна агенција (МИА), согласно Договорот за размена на информации.

„Одразот на идеалите за слобода, еднаквост и братство на нашите предци денеска го препознаваме во основните права на Европската Унија, кон кои искрено посакуваме да се приклучите“, му порачал Радев на Пендаровски.

Во честитката, како што наведува неговиот кабинет, тој ја изразил и поддршката на Бугарија за напорите на земјава за целосно спроведување на критериумите за членство, како и за сите преземени обврски и постигнати договори на патот на земјата кон ЕУ.

Контактите меѓу народите на двете земји, додал Радев, се важен начин за градење искрени добрососедски односи, а постигнатите договори за заедничко одбележување на настаните од „нашата заедничка историја“ даваат одлична можност за зближување.

„Убеден сум дека заедно можеме и мораме да ги решиме отворените прашања во билатералните односи, што се очекува од нашите граѓани и е во име на нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, заклучил Радев.

- Реклама -