„Димитар Ковачевски се прави како паднат од Марс. Но од ДУИ почнаа да прават толку скандали што глумењето дека не е од тука и не му поминува. Ако не знаел за Мерко, не знаеше за дуќанот на братот на Груби, дали сега ќе каже дека не знаел и за внукот на Али Ахмети кој ја купи деловната зграда Соравиа во строгиот центар на Скопје, чија пазарна вредност е од 25 до 30 милиони евра?“, изјави денеска на партиска прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки.
„Да почнеме со ред, во текот на вчерашниот ден официјално и Соравиа груп и Певлаку ШПК, партнер на Тор Индустриес на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, потврдија дека Павлеку ШПК и Тор Индустри ја купиле деловната зграда Соравиа.
Дрин Ахмети, е син на братот на Али Ахмети. Тој е основач на Тор Индустриес, основана во 2020 година и, според информациите кои се објавени во медиуми, нема прикажано профит.
Тор Индустриес е фирма која заедно со Павлеку ШПК од Тирана е нов сопственик на зградата Соравиа, ексклузивен деловен комплекс во центарот на Скопје.
Според јавно достапните податоци, Соравиа е со површина од над 15.000м2.
Досегашниот сопственик на деловната зграда на својата официјална веб страна има објавено податок дека деловната зграда Соравиа е инвестиција од 25 милиони евра. Тоа се пари кои биле потребни за тој да ја изгради и пушти во употреба. Цената на деловен простор во центарот на Скопје, според информациите до кои дојдовме по извршено истражување кај повеќе фирми кои се занимаваат со недвижнини, заклучивме дека е од 2.000 евра за м2 па нагоре.
Согласно јавно достапните податоци може да се заклучи дека внукот на Ахмети купил зграда која вреди од 25 до 30 милиони евра“, сумираше Ковачки.
Ова, како што рече, е аларм за Јавното обвинителство и за Антикорупциска, но и за сите институции од областа на финансиското разузнавање, како Управата за финансиско разузнавање и Финансиската полиција. ВМРО-ДПМНЕ очекуваат, нагласи, истите веднаш да отворат истрага.
„Институциите се должни да го утврдат потеклото на парите за купување на луксузната деловна зграда Соравиа. А Ковачевски да каже дали и за внукот на Ахмети ќе премолчи, или конечно ќе побара одговорност“, порача Ковачки.
„Додека Али, Груби и останатите се дел од власта, нивните семејства се стекнуваат со мултимилионски имоти. Додека народот се иселува масовно, роднините на функционерите на ДУИ градат бизнис империи. Ова е една од главните причини зошто ВМРО-ДПМНЕ се бори за ДУИ да оди во опозиција“, додаде тој.