Петровска: Она што ја одвојува нашата земја и политика е дека ние сме гласот на разумот и мудроста

Министерката за одбрана Славјанка Петровска е во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана Лојд Остин. На агендата е и посета на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу македонската Армија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.

За овие активности, информираше Петровска во видео обраќање. На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, посочи таа, ќе стане збор за „иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област“.

„Ако нешто ја одвојува нашата земја и нашата политика од останатите, тоа е дека ние сме гласот на разумот и мудроста“, изјави Петровска во обраќањето.

„Нашата политика отсекогаш се темелела на вредности и на можности, на отвореност и на искреност. Евроатлантските вредности се нашата водилка во носењето на секоја одлука и тоа нашите американски пријатели и поддржувачи вистински го ценат“, додава министерката за одбрана.

Петровска, индиректно, упати и апел за уставните измени.

„Колебањето и одложувањето на носење политички одлуки не се одлика на лидери, и тоа само ја враќа земјата назад. Живееме во време со сериозни предизвици кога носењето државничка одлука е обврска кон татковината, а не добра волја“, порача Петровска.

Како што информираат од Министерстовото за одбрана, значаен дел од посетата е наменет за одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон, министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава – Фил Скот, а домаќин на делегацијата, која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата – генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт – генералот Грегори Најт.

„Со Националната гарда покажавме дека нашите војници се вистински сојузници, но и пријатели меѓу кои има заемна почит и доверба. А, токму довербата може секогаш да отвори нови можности за соработка, развој и да даде нова енергија и амбиција за поголеми успеси“, истакна Петровска.

Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт Департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД и средба со нејзиниот директор – Џејмс Хрш.

Делегацијата ќе го посети и Универзитетот Норвич, каде ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

- Реклама -