Радев до Вархеји: ЕУ да реагира не само за агресиите на РСМ кон европратеници, туку и кон граѓаните со бугарска самосвест

„Бугарија очекува ЕУ да реагира не само кога се засегнати претставниците на европските институции во РСМ, туку и во случаи на агресија против европските граѓани или луѓе со бугарска самосвест во земјата“, истакнал бугарскиот претседател Румен Радев на денешната средба со еврокомесарот за европроширување Оливер Вархеји, кој е во посета на Софија.

„Само преку почитување на човековите права и принципите на добрососедство Република Северна Македонија може да постигне напредок во процесот на евроинтеграција“, порачал Радев.

Како што соопштува неговиот кабинет, на почетокот на средбата Радев посочил дека Бугарија високо ја цени активната работа и рационалниот однос на Европската комисија и лично на комесарот Вархеји кон процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, која, како што рекол, е особено важна за гарантирање на стабилноста и сигурноста на Европа.

Радев потсетил и дека токму како резултат на неговите плодотворни средби со Вархеји и на активната заедничка работа била изработена преговарачката рамка која „на Република Северна Македонија ѝ го отворила патот кон ЕУ, додека во исто време ја гарантира заштитата на правата на Бугарите во земјата и бугарското културно-историско наследство“.

Притоа, Радев изразил незадоволство од отсуството на напредок по прашањето на вклучување на Бугарите во нашиот Устав, кое, како што нагласил, е задолжителен услов за почеток на преговорите.

„Сведоци сме на засилена системска дискриминација, на полициски, административно и судско самоволие кон бугарските здруженија, на зачестеност на делата од омраза кон Бугарите и луѓето со бугарска самосвест во Република Северна Македонија“, рекол Радев, изразувајќи осуда за усвојувањето на законот за граѓански здруженија со ретроактивно дејство со кој, според бугарскиот претседател, од вкупно 17.000 невладини организации во земјава биле затворени само два бугарски клуба.

Радев истакнал и дека Бугарија високо ја цени реакцијата на европските институции и острата осуда на одлуката на македонските власти на 6 мај да не му дозволат влез на европратеникот Андреј Ковачев.

„Очекуваме да има такви реакции не само кога се засегнати претставниците на европските институции во РСМ, туку и во случаи на агресија против европските граѓани или луѓе со бугарска самосвест во земјата“, додал тој.

Вархеји, пак, според кабинетот на Радев, изразил разбирање од страна на ЕК за значењето и важноста на отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија, и посочил дека забрзувањето на процесот на европроширување со земјите од Западен Балкан може да се постигне само ако е прифатливо за сите страни. Вархеји додал и дека Копенхашките критериуми се јасни и недвосмислени и Европската комисија ќе продолжи да го следи нивното исполнување.

- Реклама -