Ковачевски: Одлуката на Демократски сојуз не ја нарушува стабилноста на владиното мнозинство, реконструкцијата ќе помине со 64 гласа

Одлуката што ја донесе Демократски сојуз не претставува никакво нарушување на стабилноста на владиното мнозинство, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Љупчо Николовски, присуствуваше на традиционалното закројување на лозје во село Ресава во Кавадарци.

„Ме радува што Демократски сојуз кажа дека останува на европскиот пат и на поддршка на такви одлуки, што не можеше да се потврди до сега во пракса, освен декларативно. Видовме вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот Фронтекс, но сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса“, изјави Ковачевски, воедно додавајќи и дека очекува функционерите на ДС да ги поднесат своите оставки, пред сѐ посочувајќи го заменикот министер за локална самоуправа (што тој денеска и го стори).

Во однос на реконструкцијата на владата и приклучувањето на Алијанса за Албанците во владината коалиција, Ковачевски истакна дека реконструкцијата не била водена од персонални и кадровски побуди, туку со цел државата да има стабилно мнозинство, да се донесат економските и правосудните закони, да се реализираат реформите и да не се дозволи блокада од опозицијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

„Сметам дека сите владини партнери се за ефикасна работа на Собранието, а Алијанса за Албанците ќе го зајакне мнозинството“, заклучи премиерот.

Како коалициска Влада, додаде тој, остануваат отворени за сите политички партии, поединци и организации кои се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно зачленување во ЕУ.

„Се надевам дека како искусен политичар господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев“, рече Ковачевски, подвлекувајќи дека владиното мнозинство е силно и стабилно, а реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласа.

Извор: МИА

- Реклама -