Албанија и Косово, пратениците од двата парламенти, треба да бидат заедно почесто, а не само на празници, изјави косовскиот премиер Албин Курти во својот говор на заедничката седница на парламентите на Албанија и на Косово што се одржува во Тирана, честитајќи го Денот на независноста.
Курти порача дека треба да се заборават несогласувањата меѓу двете земји и дека „треба да се борат заедно, не само политичарите, туку и целата нација“.
Курти подвлече дека на секој успех на владите на Албанија, и претходните и сегашната, се радува и Косово, и обратно.
„На овој ден да ги ставиме рацете на срце, да прашаме дали сме ја извршиле должноста за државата, да си ги препознаеме грешките, да ги заборавиме непријателствата што нѐ разделуваат, да се ракуваме и да се заколнеме дека денес и понатаму ќе се бориме за честа на нашата нација. Треба почесто да бидеме заедно, не само ние политичарите, да работиме заедно. Додека демократијата доаѓаше во Источна Европа, голем политиколог, нагласувајќи ја поделеноста, рече дека албанските политичари им даваат причини на оние кои сакаат да ги видат поделени. Утре славиме 110 години од независноста во Валона. Во Косово се радуваме на секој успех на владата, и претходните и сегашната. Направивте големи чекори. Посакувам успесите да не престанат и да се додадат на знамето“, рече Курти.
Косовскиот премиер потсети дека денеска се одбележуваат 25 години од формирањето на националната армија на Косово.
„Албанија направи големи чекори напред, денес е земја членка на НАТО, членка на Обединетите нации и направи значителни чекори на различни полиња. Посакуваме успесите на Албанија да не престанат. Сигурен сум дека и во Албанија се радуваат на успесите на Косово. Веќе го имаме заедничкиот буквар и работиме на заедничкиот енциклопедиски речник. Ги обединивме пазарите на трудот со Албанија и работиме на обединување на царината“, додаде Курти.
Извор: МИА