Претседателот на бугарското здружение во Охрид: „Никого не провоцираме, само сме почитувачи на Цар Борис Трети“

Денеска во Охрид граѓаните излегоа на протест против отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“. Поради протестот, инициран од Левица а поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, поддржувачите на Цар Борис Трети ги собраа знамињата и го напуштија клубот од задниот излез на објектот.

Револтирани граѓани со знамиња и пароли излегоа пред Амамот, местото каде е лоциран Клубот, извикувајќи „татари“, „фашисти“, „нацити“, „бугарофили“… Тие го изразија незадоволството против, како што изјавија дел од демонстрантите, називот на клубот. Кон просториите во кои е сместен клубот полетаа и јајца, а според одредени извори, и камења. Сепак, од СВР Охрид соопштија дека на протестот не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, со исклучок на едно лице кое „на јавно место фрлило предмет кон група граѓани“ и против кое ќе биде поднесена прекршочна пријава. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, во интервју за „Макфакс“, демантираше дека имало обиди за судир со полицијата.

„Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чуствува, но името е провокативно – и цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провокативни“, изјавија дел од насобраните граѓани.

Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски, тврди дека немале намера никого да провоцираат. Тој посочи дека здружението е отворено пред една година со сите документи и, како што вели, со цела почит кон државата, институциите и законите, нагласувајќи дека се запазени сите закони.

„Ние сме почитувачи и само го избравме ликот на Цар Борис Трети, како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо. Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Како што кажав, се се исполитизира и тоа е“, изјави Блажевски по отворањето на клубот.

За протестот, тој рече дека е граѓанско право и дека тие не можат никого да запрат за протестира. Сепак, Блажевски инсистира дека тоа е резултат на политизацијата на случајот.

„Последнава скоро една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некои неонацистички или фашистички движења. Доколку имаме, нас нека нѐ судат. Меѓутоа, ние таква работа не сме направиле. Нашето е, како што кажав, само почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис како еден бугарски цар и тоа беше сѐ“, изјави Блажевски.

Од Левица, пак, реагираа дека нема никаква осуда за отворањето на клубот од страна на владејачките СДСМ и ДУИ.

„Ние сме организатори на протестот против фашистичкиот клуб. Денеска ја поднесуваме и иницијативата за референдум против пробугарскиот предлог. Денес сме сведоци како се вее знамето на цар Борис додека немаме никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ. Напротив, вчера и отворено МНР на Бујар Османи директно застана на страната на промоција на фашизмот и побара да се почитува правото на почитување на сите граѓани, дури и на оние кои негуваат фашистички вредности“, изјави генералната секретарка на партијата, Јована Мојсоска.

Прочитајте и:  ПП Левица: Владите на ДПМНЕ и СДС намерно ги пропаѓаат Македонски пошти

Во однос на референдумот, Мојсоска изјави дека очекуваат нивниот предлог за референдум да помине и на народот да му се даде можност да се изјасни дали е против „уцените од страна на Бугарија“.

„Ќе се бориме и понатаму. Очекуваме предлогот за референдум да помине и народот, како што доликува на една демократска земја, да се изјасни против сите овие уцени кои доаѓаат од страна на Бугарија, со кои Македонија е принудена да се откаже од своето АСНОМ-ско минато“, рече Мојсоска.

Таа додаде дека во текот на вчерашниот ден, од страна на полицијата бил вршен притисок врз членови на партијата и имало „експлицитно пречекорување на нивните овластувања“.

На протестот во Охрид се приклучија и членови на охридскиот општински Совет од редовите на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што најави од Охрид

Пратеничката Рашела Мизрахи, пак, од Охрид го најави законот за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации на иницијатива на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со кој, како што рече, не само што ќе се спречи идно формирање на вакви квазикултурни клубови, туку и ќе може да се реагира за веќе постојните.

„Ова не се европски вредности. Затоа, уште денес на овие процеси мора да се стави крај. По Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар“, изјави Мизрахи.

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.

Извор: МИА

- Реклама -