МНР апелира на „зрело и достоинствено однесување“ во пресрет на отворањето на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид

Фото: Фејсбук страна на здружението „Цар Борис Трети“

Македонското МНР денеска, по повод најавеното отворање на новото бугарско здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и повиците и подготовките за протест против истото, упати апел до сите граѓани и сите политички и неполитички групации, за „зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став“.

„Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата“, се вели во апелот на МНР.

Во соопштението, Министерството ги замолува сите чинители да се воздржат од, како што велат, „обиди за злоупотреба на своите права и слободи“, и „особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите“.

Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, го поддржа протестот инициран од Левица што утре е планиран во Охрид против отворањето на бугарскиот културен клуб именуван „Цар Борис Трети“, повикувајќи на масовна излезност на граѓаните за да го искажат своето неодобрување.

Прочитајте и:  ПП Левица: Владите на ДПМНЕ и СДС намерно ги пропаѓаат Македонски пошти

Сепак, Мицкоски потенцираше дека протестот треба да биде мирен, демократски и без инциденти, „за да не им се даде алиби на оние кои се причината што денес Македонија е во оваа ситуација“.

„Протестот е демократско право и треба да се протестира, но повикувам тој да биде мирен, за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Повикувам масовно граѓаните да излезат и да го поддржат протестот, но истовремено апелирам тој протест да биде мирен и демократски и да не дозволиме каков било инцидент да ја дефокусира јавноста од реалните проблеми, а тоа се инфлацијата, криминалот, корупцијата, енергетската, финансиската криза и уште многу други проблеми со кои Македонија денес се соочува“, изјави Мицкоски по поставување камен-темелник за изградба на градинка во општина Бутел.

- Реклама -