РСЕ: Поради Србија, ЕУ нема да го изземе Западен Балкан од ограничувањата за увоз на руска нафта

Новиот пакет санкции против Русија, кој го подготвува Европската унија, не вклучува изземање-дерогација за Западен Балкан, поради односот на Белград кон официјална Москва, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има профит од дерогација. Со овој став се согласија и другите земји-членки“, изјави анонимен дипломатски извор кој беше вклучен во дискусиите за новиот пакет санкции, пренесува РСЕ.

Во првиот нацрт на предлогот за новиот пакет санкции, Западен Балкан беше изземен од ограничувањата поврзани со увозот на руска сурова нафта.

Во претходниот предлог беше наведено дека е неопходно да се предвиди дерогација за Западен Балкан, за да се заштити енергетската безбедност на регионот.

Дерогацијата, според прелиминарната идеја, би овозможило транзит на руска сурова нафта преку нафтоводот низ Хрватска (ЈАНАФ), под услов таквиот транзит да остане во границите на просечните нивоа на транзит од претходните години, за да се избегне заобиколување на санкциите.

Сепак, според дипломатски извори, по дискусија на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ, параграфот за изземање бил отстранет поради неусогласувањето на санкциите на ЕУ кон Русија од страна на Србија, кои се договор за руската агресија врз Украина.

Радио Слободна Европа имаше увид во последниот документ, чиј текст е договорен во вторник, 4 октомври, каде повеќе не се споменува дерогација за регионот.

Дипломатски извори потврдија дека европските експерти по длабинска анализа дошле до заклучок дека увозот на нафта е доволно диверзифициран, па затоа не е потребно изземање бидејќи „повеќе не е неопходно да се купува руска нафта“. Имајќи го предвид тој факт, како и противењето на некои земји-членки, Европската комисија ја отстрани таа точка од својот предлог.

Претходно, Србија беше изземена од санкциите бидејќи Европската комисија најде решение за зачувување на увозот на нафта во Србија, преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).

На 4 октомври, амбасадорите на ЕУ постигнаа рамковен договор за осмиот пакет санкции против Русија. Најновиот пакет вклучува и ограничување на цената на руската нафта.

МИА

- Реклама -