Мицкоски: На овие три дилеми Фон дер Лајен не даде одговори

ВМРО-ДПМНЕ има три дилеми од говорот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во македонскиот Парламент. Лидерот Христијан Мицкоски изјави дека тие дилеми и ставови и ги соопштил на билатерална средба зашто во Собранието немале таква можност. Од говорот на Фон дер Лајен во Собранието, рече, слушнавме практично ако помине ова што го промовира Владата на СДСМ и ДУИ  ќе имаме одржување меѓувладина конференција и затоа имаат дилема дали според документот Заеднички став на Европската Унија во член 11 ќе ги почнеме преговорите веднаш или по промена на Уставот.

-Во членот 11 од документот наречен Заеднички став на Европската Унија јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не биде променет Уставот. Дали е точно или не е точно, оставам експертската јавност да даде одговор. Бидејќи, според овој документ читаме дека почетокот на преговорите ќе биде откако ќе биде променет Уставот или, да бидам попрецизен, кога мал дел од бугарскиот народ, 750 семејства според последниот каков таков попис, бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел од македонскиот Устав, рече Мицкоски на прес-конференција.

Втора дилема е прашањето за историјата. Се спомна, рече тој, дека нема да зборуваме за историјата, но тоа не го говори членот 14 од истиот документ.

-Членот 14 вели сосема спротивно, а тоа е дека деновиве ќе биде потпишан документ што се нарекува Протокол и во него ќе се зборува за се, само не за владеење на правото, борба со корупција и криминал, подобра економија и здравство, покомпетитивно  образование. Ќе зборуваме за среден век, за 18 и 19 век, чии биле Гоце и Даме, чие било Илинденското востание итн. Што значи дека според член 14 и Протоколот, кој никој во  македонската јавност не го видел, ниту ја прочитал неговата содржина, ќе  зборуваме за се, само не за иднината. Ќе зборуваме за проблеми од минатото односно како во  21 век да се асимилира македонскиот јазик и да се уништи македонскиот идентитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Членот 14, рече тој, е поврзан со член 5 од Генералните позиции на ЕУ каде што покрај копенхагенските и критериумите дефинирани со Договорот за стабилизација и асоцијација, се поставуваат билатерални прашања како критериум – првпат само за нашата, а ниту за една друга земја членка од 27-те во ЕУ, а ниту за Албанија.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

-Тука јасно стои дека се потребни годишни извештаи и мерки за ефективна имплементација на договореното според членот 12 од Договорот за добрососедство, а поврзани со Протоколот кој никој жив во Македонија не го видел. Значи не е точно дека нема да зборуваме за историја, ние ќе зборуваме за се, само нема да зборуваме за поквалитетен живот. Ќе бидеме фокусирани само на историја, рече Мицкоски.

Трета дилема е воведната изјава – член 3, каде што, рече Мицкоски, јасно стои дека Преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската стана ќе даде еднострана изјава како таа го гледа македонскиот јазик.

-Така што, дека ние имаме чист македонски јазик, односно дека имаме чист јазик кој ќе биде дел од Преговарачката рамка и од документите на Европската Унија е голема лага. Во членот 3 јасно стои дека ќе имаме унилатерална изјава од нашиот источен сосед дека македонскиот јазик  е најверојатно некоја верзија на бугарскиот јазик, рече Мицкоски на прес-конференцијата.

На средбата со Фон дер Лајен покажал документот за стандардизација на светските јазици од конференција на Обединетите нации од 1977 година одржана во Атина во кој, рече, јасно стои разликата помеѓу бугарскиот и македонскиот јазик со македонското кирилско писмо.

Прашувајќи – дали ова го прават администратори што треба да ги вклучиме во нашите учебници, Мицкоски покажа фотографии од стреланите младинци во Ваташа, од вагоните на Бугарската национална железница која депортирала 7114 македонски Евреи во логорот Треблинка,  од Вера Циривири-Трена, како што рече, „убиена од овие администратори зашто се бореше против фашистите во Втората светска војна“.

-Некој сака да избрише дека македонскиот народ бил секогаш на вистинската страна на историјата и се борел против тие што биле на погрешната страна на историјата. Тоа се моите и дилемите на ВМРО-ДПМНЕ, а, за жал, ги немаат овие корумпирани политичари во владата кои  го распродаваат тоа што некој го платил со крв и живот, додаде Мицкоски.

МИА

- Реклама -