Адеми по координацијата за преговарачката рамка: Мислам дека ваков најтранспарентен начин немало досега

„Со францускиот предлог е предвидено дека македонскиот јазик е заштитен сега и засекогаш. Македонскиот јазик ќе стане официјален јазик на ЕУ“, истакна на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција – Арбер Адеми, по координацијата посветена на Информацијата за Предлог-преговарачката рамка.

„Како лажна вест велат дека нема да почнеме, нема да стартуваме со преговори. И во преговарачка рамка и во сите документи, но и изјавите од сите наши пријатели од меѓународната заедница, од демократските земји, се вели дека веднаш ќе почнеме со преговори. И сега кому да му веруваме? На лажните вести или на претставниците на нашите институции и на нашите меѓународни пријатели со кои заедно рамо до рамо сме ги постигнале сите успеси на оваа држава“, изјави Адеми.

Тој потенцира дека протоколот со Бугарија кога ќе биде финализиран, ќе биде потпишан и благовремено ќе споделен со целата јавност.

„Зошто јас како пратеник да имам пристап до овие документи? Секој еден граѓанин треба да има пристап до овие документи. И има пристап до овие документи. Мислам дека ваков најтранспарентен начин немало досега. И треба да продолжиме така бидејќи само така можеме да ја добиеме битката со лажните вести, кои ни се кројат во центри кои не и сакаат добро на Северна Македонија и на нашето општество. Бидејќи документите се веќе објавени, целата јавност има пристап до истите, тоа може веднаш да се направи. Веднаш може да се проследат до Собранието како бекграунд материјал“, рече координаторот на ДУИ.

Адеми посочи дека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, како и секогаш, присуствувал на координациите организирани и свикани од претседателот на Собранието, Талат Џафери, и рече дека ќе го пренесе ова барање до Владата и таа во рамки на нејзините надлежности и процедури ќе ги проследи согласно со Деловникот до Собранието сите овие документи, кои веќе се јавно објавени.

„Нема тука што да се крие. Кога ќе ги проследи? Па сега, од нив зависи, од нив зависи, но нема проблем воопшто. Нема проблем, тоа може во секој момент да се проследат тие документи како дополнување на информацијата која веќе е проследена и доставена до Собранието. Па протоколот не е финализиран, кога ќе биде финализиран и потпишан ќе се достави и ќе биде јавно објавен како и сите други документи. Ништо нема спорно. Јас токму заради ова мислам дека битката против лажните вести, кои се кројат во центри што не сакаат Северна Македонија да биде дел од ЕУ, можеме да ја добиеме само со транспарентен начин, со транспарентна објава на сите документи. Зошто е така? Бидејќи сѐ уште преовладува мислење дека македонскиот јазик не е загарантиран, нели, а е загарантиран сега и засекогаш ако го прифаќаме предлогот. Досега немало барање, немало интерес од бугарската страна Бугарите да бидат дел од Уставот. Знаете зошто? Бидејќи мислеле еден народ во две држави живеат, а сега јасно ќе се направи дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ. Е тоа е придобивката. Е тоа е битката против лажните вести“, рече тој.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Адеми истакна дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик и на македонски јазик ќе биде преведено целото европско законодавство и македонскиот јазик ќе нема дообјаснување, фусноти, ѕвездички, астерикси итн.

„Ќе биде во истата положба како што е и францускиот јазик, германскиот јазик, хрватскиот јазик и во преговарачката рамка кај нас нема ништо поинаку предвидено од српската рамка за српскиот јазик, во хрватската рамка или во албанската рамка за албанскиот јазик. Ништо поинаку! Со цела моја одговорност јас ви го потврдувам ова“, рече тој.

Посочи дека не знае што точно ќе пишува во билатералната декларација на Бугарија.

„Од каде да знаеме. Ако тие имаат право на одвоено мислење и ние имаме право на издвоено мислење“, рече Адеми.

Тој додаде дека токму поради противењето на Бугарија на јазикот досега го немаме потпишано договорот со ФРОНТЕКС.

„Ако се прифати предлогот веднаш ќе го потпишеме на овој јазик на кој што зборуваме сега јас и вие. На македонски јазик и ќе имаме за првпат таков договор. Ќе имаме документ со ЕУ каде што македонскиот јазик ќе биде заштитен сега и засекогаш и ќе имаме исто така договор за првпат на македонски јазик како дел од официјалниот јазик. За што сега ние зборуваме. Ако не се реши проблемот, ако не го прифатиме предлогот што ќе се случи? Пак ќе се оспорува нашиот јазик, нашиот идентитет од нивната страна, ние ќе бидеме изолирани како изолирано островче ќе пробаме да преживееме. Дали е тоа решение? Секако дека не е. Значи, ниту има проблем, ниту се оспорува македонскиот јазик и тоа се потврдува на документите“, рече Адеми.

МИА

- Реклама -