Борел постави рок до 30 јуни за спорот со Бугарија: Ако не се реши пред јули, ќе бидеме во длабока криза со регионот

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ – Жозеп Борел, вечерва на прес-конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи на кој за првпат се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан, постави временска рамка за решавање на спорот со Бугарија – до крајот на француското претседателство на 30 јуни, јавува дописничката на МИА од Брисел.

„Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато. Има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство. Ставам временски рок. Ако не се случи, ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан. Ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение“, изјавил Борел во Брисел.

Тој потсетил и дека земјава, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.

„Треба да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, и, се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство. Сметаме дека ова одлагање е неодржливо“, изјавил Борел, додавајќи  дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив и дека ако немаат перспектива за ЕУ, тоа не само што многу ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, туку ќе претставува и подарок за Русија.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

Во однос на кандидатурата на Украина, Борел смета дека тоа прашање не е поврзано со процесот на проширување кон Западен Балкан.

На прашање дали се разгледува економска и финансиска помош за земјава и регионот поради последиците што ги трпат овие земји, Борел истакна дека не влегле во детали на оваа тема денеска.

„Знаеме дека Северна Македонија и други ќе имаат потреба од макрофинансиска помош. Ќе го инкорпорираме Западниот Балкан во нашиот одговор на кризата, но да бидам искрен, не навлеговме во ниту едно прашање за компензации или макрофинансиска помош поради санкциите специфично“, рече Борел.

Тој претходно повика кризата да не се смета за последица од санкциите, туку од војната на Русија, притоа оценувајќи дека битка треба да се води и во поглед на „наративот“ околу санкциите.

Извор: МИА

- Реклама -