Гранатирана детска болница во Мариупол, Украинците итно бараат авиони (ФОТО/ВИДЕО)

Најмалку 17 луѓе се повредени, според украинските власти, во денешниот воздушен напад на детска болница и породилиште во Мариупол од страна на руските сили, кои веќе неколку дена го држат градот под опсада.

Како што изјави првично заменик-градоначалникот на Мариупол – Серхиј Орлов, „бројот на повредени деца е нула и се надеваме дека ќе остане така“. Тој изрази згрозеност од ваквиот чин, потенцирајќи дека „не му е јасно како е можно во модерно време некој да бомбардира детска болница“.

И додека засега нема информации дали има повредени или загинати деца, украинските власти тврдат дека има повреден персонал и трудници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинскиот парламент, споделувајќи видео од материјалната штета, го оценија нападот како „ѕверство“:

„Директен напад од страна на руските трупи врз породилиште. Луѓе, деца се под урнатините. Ѕверство! Колку долго светот ќе биде соучесник игнорирајќи терор? Затворете го небото веднаш! Запрете ги убивањата! Ја имате моќта но изгледа ја губите хуманоста“, порачаа тие на официјалните профили на социјалните мрежи.

Видео кое подетално ги покажува последиците објави градскиот совет на Мариупол, потенцирајќи дека руските бомби оставиле огромен кратер во дворот на болницата.

„Уништувањето е огромно. Зградата на медицинската устанува каде што неодамна беа третирани деца е комплетно уништена“, коментираа од градскиот совет.

Тимот на CNN, во меѓувреме го геолоцираше/потврди кратерот.

„Никогаш нема да простиме. Никогаш“, порача на социјалните мрежи Михаило Федоров, вицепремиер и министер за дигитална трансформација на Украина, споделувајќи фотографија од повредена трудница во гранатирањето од, како што рече, „руските убијци“.

Реагираше и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, барајќи итно затворање/заштита на украинското небо:

Прочитајте и:  Кина по зеленото светло за Украина за напади во Русија: Најитно е да се поттикне деескалација што е можно побрзо

„Застрашувачко воено злосторство во Мариупол. Болница и породилиште мета на руски воздушен напад. Ќе можевме да го запреме ова варварство штитејќи го нашето небо. За доброто на човештвото, обезбедете ни авиони, сега! Додека одново и одново се размислува за ова, се губат животи“, порача тој.

„Неселективното гранатирање продолжува. Речиси 3.000 новороденчиња немаат лекови и храна. Го повикувам светот итно да дејствува! Принудете ја Русија да ја запре својата варварска војна против цивили и бебиња!“, додаде Кулеба.

Тој обвини и дека Русија „држи во заложништво“ над 400 илјади луѓе во Мариупол, блокирајќи хуманитарна помош и евакуација (* нападот на болницата се случи и покрај најавата од Русија за 12-часовен прекин на огнот за да можат цивилите да го напуштат градот).

Струјата, водата и канализацијата се отсечени, вели заменик-градоначалникот Орлов, додавајќи Русите пукаат на сервисните тимови кога тие се обидуваат да ги поправат електричните инсталации.

„Ова е како во средновековни времиња. Единствен начин да зготвите храна е на оган на отворено. Жителите топат снег за да добијат вода“, изјави тој за новинарите, потсетувајќи дека главниот градски гасовод беше бомбардиран пред два дена.

Според украинските власти, најмалку 1.170 цивили се убиени во Мариупол од почетокот на инвазијата и тие се приморани да ги погребуваат телата во масовни гробници. Само денеска, 47 жртви биле погребани во масовна гробница. Како што посочува Ројтерс, невозможно е бројките да бидат потврдени од независен извор.

 

- Реклама -