Столтенберг-Блинкен: Не бараме војна со Русија и не сме дел од конфликтот, но ќе ја одбраниме секоја педа од НАТО

Брисел, 4 март 2022 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и американскиот државен секретар Ентони Блинкен заедно порачаа дека Алијансата е целосно обединета и дека ќе стори сѐ за да ги одбрани своите земји членки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во седиштето на НАТО денеска се одржува вонреден министерски состанок за надворешни работи во контекст на руската агресија врз Украина, каде НАТО повтори дека нема да биде дел од војната, но дека ќе го зајакне источниот дел од Алијансата за да ги одбрани земјите членки во тој дел.

„НАТО не е дел од овој конфликт, ние сме дефанзивен сојуз, не бараме војна со Русија. Но истовремено треба да биде јасно дека ќе ги одбраниме сите земји сојузнички и за оваа цел го зајакнуваме присуството во источниот дел од Алијансата“, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој пред почетокот на министерскиот се обрати пред новинарите заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Прочитајте и:  Путин го покани Вучиќ да ја посети Москва

Столтенберг се заблагодари за зголемувањето на американските сили и најави дека денеска министрите ќе се координираат во својот одговор на руската инвазија вез Украина. Генералниот секретар ги осуди нападите врз цивилите како и нападот на нуклеарната централа во Запорожје.

НАТО повторно бара од Русија да ги повлече своите трупи и да се сврти кон дипломатско решение.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, ја истакна важноста од единството на сите 30 земји членки на НАТО и нивниот брз одговор на рускиот напад.

„Нашата Алијанса е дефанзивна, но ако конфликтот дојде кај нас подготвени сме да ја одбраниме секоја педа на територијата на НАТО“, изјави Блинкен.

- Реклама -