СДСМ ја прифаќа резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии, „Излегоа на површина сите лаги на Мицкоски“ – вели Костадинов

Откако со денови ги обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Христијан Мицкоски – дека со иницијативата за резолуција за црвените линии во преговорите со Бугарија им наштетуваат на националните интереси, од владејачката СДСМ преку ноќ се премислија и велат дека ќе ја прифатат иницијативата на опозицијата. Тоа денеска го потврди пратеникот и портпарол на партијата – Костадин Костадинов.

„Македонските идентитески линии им се јасни на сите – и на нашиот народ, и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа и ако им треба потврда и во рамки на парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е, каква што и всушност видовме од медиумите, затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема“, изјави Костадинов одговарајќи на новинарско прашање.

Со прифаќањето на резолуцијата, СДСМ уште еднаш, како што и многу пати кристално јасно ги кажуваше и потврдуваше во јавноста, ги потврди своите позиции во однос на македонскиот јазик и идентитет, оцени портпаролот на партијата.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

„Значи, согласно Уставот, ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата. Секако, ние како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите. Со тоа би сакал да ги известам и граѓаните и да соопштам дека избиваат на површина буквално сите лаги кои што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и македонски идентитет.

Со тоа уште еднаш испраќаме силна порака до сите дека апсолутно македонскиот идентитет, македонскиот јазик се затворена тема и тоа треба да им биде јасно на сите. Сигурно дека нема да дозволиме македонскиот идентитет да се користи за партиски препукувања, тоа како одговорни политичари имаме обврска да го направиме. Македонскиот идентитет е светост која што е повисока и поважна од рејтингот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Испраќаме силна порака дека ќе работиме силно на интеграција во ЕУ со заштитен македонски јазик и заштитен македонски идентитет“, порача Костадинов.

- Реклама -