„Ако не постоеше Договорот од Преспа, сите земји од светот и коментаторите на телевизиските мрежи ќе велеа дека Македонија игра. Сега велат дека игра Северна Македонија. И тоа е напишано насекаде. Ова е победа“, изјави екс-премиерот на Грција – Алексис Ципрас, во интервју за грчката „Скаи“.
Токму од придобивките од Преспанскиот договор, сега произлегува и дебатата за логото на „ФФМ“, посочи Ципрас. Тој оцени дека ФФМ, иако е приватно правно тело, можела да го смени името по примерот на Стопанската комора на Северна Македонија, ако актуелната влада на Грција навремено извршела притисок врз основа на добра волја и на делот од договорот кој ги поставува принципите, но допрва треба да се имплементира.
Оттаму, тој ја обвини актуелната грчка влада дека не ратификувала три меморандуми за соработка, кои се за доброто на Грција. Еден од нив, посочи, се однесува на надгледувањето на воздушниот простор на Северна Македонија од страна на грчкото воено воздухопловство. Според Ципрас, владата тоа не го направила затоа што се плаши од реакциите во рамките на своите редови, односно во редовите на владејачката Нова Демократија.