Ковачев: Македонската страна си бара изговори, изборите во Бугарија немаат врска со нашата заедничка историја

„Македонската страна се обидува да најде секакви изговори. Бугарските избори немаат ништо заедничко со нашата заедничка историја. Сите политички партии се на исто мислење – не може да правиме компромиси со историјата и со јасните историски факти“, изјави утрово „еден од најголемите поддржувачи за членството на РС Македонија во ЕУ“, според бугарската агенција БГНЕС – европратеникот Андреј Ковачев.

Според него, „неопходна е повеќе храброст од премиерот на РСМ – Зоран Заев“ и да се почитува Договорот за добрососедство и пријателство.

„Ако во Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања колегите од Скопје се плашат да ги прифатат фактите, тогаш ќе треба да се најдат други механизми за исполнување на Договорот“, порача Ковачев.

Тој истакна и дека „Европската унија постои за да не се мразиме, туку да живееме заедно со целосна толеранција“.

„Не може младите во РСМ да бидат воспитувани на омраза кон Бугарија. Низ последните три децении непрекинато демонстриравме добронамерност – први ги признавме како независна држава, им ја заштитувавме нивната територијална целовитост, обезбедувавме најразлична помош – вклучително и воена, ги вративме на патот на евроинтеграцијата. А од другата страна гледаме – тие не се во состојба да се разделат од Титовите пристапи и не се подготвени да ги отстранат поделбите наметнати од комунистичките режими“, изјави европратеникот.

„Тешко дека до утре и во преостанатите неколку часа ќе има развој во сегашната состојба, особено ако се има во предвид фијаското на последниот состанок на мешовитата бугарско-македонска историска комисија“, истакна Ковачев, прашан дали очекува некаква промена на позицијата на Бугартија пред утрешниот министерски состанок во Брисел.

- Реклама -