Опозицијата се мајтапи во амандманите: Велигденски јајца, телепатија и забранети џемпери при онлајн работењето на пратениците

„Наместо највисок законодавен дом каде се носат мерки и политики во интерес на државата и граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и опозициските пратеници по секоја цена се обидуваат од Собранието да направат циркуз, место за нивна забава“, се пожалија денеска од СДСМ, споделувајќи дел од околу поднесените ~3.000 амандмани од страна на опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и од Алијанса/Алтернатива на предлогот на собранискиот спикер Талат Џафери за онлајн работа на пратеници што се афектирани од коронавирусот (болни или во изолација).

Несериозни, безобразни и апсурдни – вака од СДСМ ги оценуваат амандманите во кои се бара, на пример, за Велигденските празници секој пратеник што на седница ќе присуствува онлајн, задолжително да има велигденско јајце во кадарот, односно пред камера.

Пратеникот Борислав Крмов од Левица, се мајтапел и во другите амандмани. Така, на пример, бара пратениците пред камера (од дома) да не смеат да носат обележја на автосалони, месарници, салони за убавина, салони за педикир и маникир, џемпери и слично… а со саркастично образложение дека „треба да се покаже должната почит пред колегите и Собранието како највисока државна институција“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на когенеративната централа значително ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди здрава животна средина

Во меѓувреме, и пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, објави дел од своите досетки, со образложение „Кад је бал, нек је маскенбал“, а во склад со неговиот повеќепати повторуван став дека „кога системот е трул, должност ти е да го исмеваш“.

Па така, на пример, Апасиев предлага за присутни да се сметаат и пратениците кои најавиле дека ќе учествуваат преку телепатија. Предлага и пратеникот да смее да се конектира само од дневната или работната соба, а не и од спалната или од тоалетот.

Меѓу амандманите на кои се пожали СДСМ се наоѓа уште еден интересен пример, потпишан од група пратеници, кои бараат законот за онлајн работење да почне да се применува од 40-от ден откако државата ќе влезе во ЕУ, а во образложението отворено си пишале дека амандманот го предлагаат за да ја одложат примената на законот.

Меѓу останатите предложени амандмани има и други слични варијации на овие претставени овде, се пожалија од СДСМ.

- Реклама -