Заев четири години премиер, Ахмети не го добива ниту МВР?

По вчерашните соопштенија од СДСМ и ДУИ во кои информираа за голем напредок во преговорите по речиси сите прашања, во медиумите беа објавени повеќе неофицијални информации за она што било договорено меѓу двете партии.

Извесно е дека ДУИ нема да добие/се откажала од барањето за премиер Албанец, што значи дека Заев, ако издржи владата четири години, ќе биде премиер преку целиот четиригодишен мандат. Како што објави новинската агенција на албански јазик „ИНА“, за СДСМ можеби ќе биде прифатливо Албанец да биде премиер во техничката влада од 100 дена пред следните парламентарни избори.

Како што пишува „ИНА“, повикувајќи се на извори многу блиски до лидерот на СДСМ, ДУИ ќе биде „обесштетена“ со тоа што ќе го добие Министерството за внатрешни работи (МВР) и други важни министерства.

„Она што е познато е дека Зоран Заев како победник на изборите ќе има целосен мандат како Премиер. Како компромис, ДУИ се согласи да го води Министерството за внатрешни работи и неколку други важни министерства, така што ДУИ ќе има многу поголема моќ во новата влада. Можеби е прифатливо техничкиот премиер да биде предводен од човек на ДУИ 100 дена пред изборите, тоа би било прифатливо за СДСМ. Но, сè уште не можеме да кажеме со целосна сигурност дали СДСМ ќе ја предводи Владата со целосен мандат“, цитира „ИНА“ партиски извори.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе донесеме нов Кривичен законик, но согласно европските стандарди, а не според нечии потреби

Од друга страна, порталот „НОВА“ пишува дека, според нивните извори, ниту МВР не оди во рацете на ДУИ. Напротив, на функцијата министер за внатрешни работи ќе се врати претходниот министер и актуелен технички премиер – Оливер Спасовски.

Според „НОВА“, во преговорите е договорено ДУИ да ги добие Министерството за надворешни работи (МНР) и Министерството за финансии, а актуелниот министер за надворешни работи – Никола Димитров, пак, ќе замине во Министерството за правда.

Според информациите на „360 степени“, договорено е Претседател на Собранието и во овој мандат да остане Талат Џафери.

Она што е извесно е дека, според официјалните најави на СДСМ и ДУИ, денеска ќе се одржи клучна средба на лидерите Заев и Ахмети и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби, на која се очекува да се постигне конечен договор. Средбата е најавена во 14 часот, а ќе се одржи во Клубот на пратеници. По средбата, Заев и Ахмети ќе ѝ се обратат на јавноста.

Во среда, пак, закажани се седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ.

Доколку има договор, во среда се очекува и продолжението на конститутивната седница на чиј дневен ред е и избор на претседател на Собранието.

- Реклама -