Тркалото се врти поради Ковид-19: Мексиканци протестираат за да се затвори границата со САД

Стотина демонстранти ја блокираа границата со САД во мексиканската сојузна држава Сонора, барајќи построга контрола на  луѓето кои преоѓаат од САД во Мексико. Причината, очигледно, е големата експанзија на коронавирусот во САД.

Мексико во моментов има помалку од 600 заразени од Ковид-19, додека во САД таа бројка изнесува најмалку 85.000 и допрва ќе расте. Мексиканците сега стравуваат дека оние кои ја преминуваат границата поради работа или дневна миграција можат да го прошират коронавирусот.

Границата, официјално, е отворена само за нужни причини, но граѓаните од Сонора протестираат дека никој никого не контролира и дека непречено се преминува од едната во другата земја.

Дополнително, во секоја од американските сојузни држави кои граничат со Мексико има починати од Ковид-19, а во мексиканската држава Сонора регистрирани, засега, се само 4 заразени случаи.

Од друга страна, и Мексиканците, како и Американците, имаат проблем со претседател кој упорно се обидува проблемот да го прикаже во помал размер отколку што е во реалноста. Имено, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор смета дека коронавирусот не е така страшен, а во јавноста се појавија снимки како тој се движи на улиците и се прегрнува и бакнува со граѓаните, од кои исклучок не се ниту малите деца.

Доналд Трамп, пак, кој првично се прослави со инсистирањето да изгради ѕид на границата со Мексико за да ја спречи илегалната миграција, смета дека во САД починале многу помалку луѓе од очекуваното и изрази надеж дека веќе до Велигден САД ќе ги укинат рестрикциите на движењето и потворно ќе ја стартуваат економијата.

- Реклама -