Зезнат е Трамп, ама зезната е и Грета

Откако целосно ја изигнорира при случајната средба во зградата на Обединетите нации во Њујорк, а потоа и се подбиваше со неа на Твитер, 16-годишната Грета Тунберг во свој стил му „врати“ на Трамп и му порача дека неговиот сарказам ништо не ѝ може.

Трамп дојде за да присуствува на настан за промоција на религиските слободи, додека младата Швеѓанка – која е симбол на еко-активизмот, чекаше во позадина за да присуствува на климатскиот самит, кадешто по којзнае кој пат им изнакажа на светските лидери сѐ што малкумина други имаат храброст да им го кажат (видете ТУКА). Додека Трамп поминуваше крај неа, таа не можеше да остане рамнодушна и гневно го пpocтрела со поглед, искривувајќи ја устата. Што и не е изненадувачки. Додека Грета прерасна во икона на климатскиот активизам и инспирираше климатски протести ширум светот, Трамп е еден од ретките светски лидери кои понекогаш не верува дека климатските промени се предизвикани/помогнати од човештвото, а другпат воопшто и не верува дека планетата се загрева. Не еднаш кога зимските температури во САД паднале далеку под нулата, Трамп знаеше да праша (парафразираме): „Што е со студов, бе, научници? Нели планетата се загрева?“, иако научниците безброј пати имаат објаснето дека глобалното загревање не функционира така и дека токму зачестените екстреми во температурите (над и под нулата) се еден од највидливите симптоми на климатските промени.

По оваа средба, за која Трамп сигурно е свесен, ако ништо друго од медиумите, и по мошне емотивниот и гневен говор на Грета на климатскиот самит, Трамп како да сакаше дополнително да ја налути, па го сподели говорот и напиша:

„Таа делува како многу среќна млада девојка која со елан ја очекува светлата и прекрасна иднина. Колку убаво тоа да се види!“.

За разлика од Трамп, одговорот на Тунберг беше далеку поџентлменски и посуптилен. Токму зборовите на Трамп таа си ги стави во кратката биографија на Твитер профилот, порачувајќи му дека, да, нејзината борба е токму таква – за светла и прекрасна иднина, и дека веројатно би била вистински среќна млада девојка ако не беа светските лидери „кои зборуваат само за пари“ и или се незрели, или се едноставно зли. Или со точните зборови што Грета ги искористи во говорот:

„Велите дека нѐ слушате и дека ја разбирате итноста. Но, без оглед колку и да сум тажна и лута, не сакам да верувам во тоа. Зашто ако навистина ја разбиравте ситуацијата и упорно продолжувате да не успевате да делувате, тогаш вие сте зло. А во тоа одбивам да верувам“…

- Реклама -