Трамп сака да го купи Гренланд од Данска, и не е првиот

Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати, со различен степен на сериозност во намерата, пројавил интерес да го купи островот Гренланд, кој е автономна територија на Данска.

Како што сведочат извори од Белата куќа за Wall Street Journal, Трамп неколкупати за време на состаноци и вечери ги прашувал неговите советници дали е изводливо САД да го присвојат Гренланд поради „богатите ресурси и геополитичката важност“. Додека некои од советниците на Трамп ја поддржале идејата како добар економски потег, други ја оцениле како мечта која никогаш нема да се реализира.

Трамп следниот месец за првпат ќе ја посети Данска, но неговата посета е тотално неповрзана со желбата да ја купи ледената земја.

Гренланд има популација од околу 56.000 жители, а со договор помеѓу Данска и САД стана и дом на американската воздушна база Thule Air Base, која ја користат Американската воздушна команда и системот за одбрана NORAD (North American Aerospace Defense Command). Во базата е вклучена и радарска станица за балистички ракети.

Како што пренесува Wall Street Journal, Трамп го гледа купувањето на Гренланд како еквивалент на купувањето на Алјаска од страна на САД во 1867 година. Сепак, одредени извори велат дека Трамп таквата идеја ја спомнал на шега на една вечера порано годинава:

„Што мислите вие момци за тоа? Мислите ли дека може да успее?“, ги прашал наводно Трамп присутните во собата.

Дури и Трамп да не се шегувал, тоа нема да биде првпат САД да пројави интерес за Гренланд. Во 1946 година, САД ѝ понудиле 100 милиони долари на Данска за островот, но владата одбила да го продаде. Во 1867 година и Стејт Департментот размислувал да го купи Гренланд.

Во меѓувреме, на друштвените мрежи, каде речиси по автоматизам се исмева безмалку сè што ќе направи, рече или помисли Трамп, веќе почнаа шегите. Еден корисник ја сподели следнава фотографија, со напис „Гренланд 10 години подоцна“:

 

- Реклама -