Како Исланд и Гренланд завршиле со така несоодветни имиња?

Иронијата околу имињата на Исланд и Гренланд веќе некое време е инспирација за шегаџиите на Интернет. Да, Гренланд („зелена земја“) е покриен со мраз и снег, а Исланд („ледена земја“) е покриен со пространи зелени полиња.

islandvsgrenland

Ајде да пробаме да бидеме сериозни и да објасниме зошто е тоа така.

Гренланд го добил името од еден норвешки Викинг – Ерик „Црвениот“. Тој и неговото семејство морале да ја напуштат татковината откако неговиот татко извршил убиство и бил протеран од Норвешка. Семејството се населило на Исланд, ама и таму работите не оделе по планот, овој пат по вина на Ерик „Црвениот“, кој по неколку големи расправии убил неколку луѓе. Бил подлегнат на судење, по што бил протеран од Исланд на 3 години. Така, Ерик се качил на брод и го поминал тригодишното прогонство пловејќи и истражувајќи непозната област во близината на Исланд. По 3 години, тој се вратил дома, каде што наголемо ја промовирал и фалел земјата што ја истражувал, преувеличувајќи ги нејзините убавини и квалитети, без притоа да ги напомене лошите страни. Ја нарекувал оваа нова земја Гренланд и ја опишувал безмалку како рај, знаејќи дека таквата визија ќе инспирира многу луѓе да станат негови следбеници. Планот му успеал, па Ерик „Црвениот“ собрал многумина што решиле да го следат во „зелената земја“, каде што со нивна помош направил колонија.

Eric-The-Red-And-How-Greenland-Got-Its-Name[1]
Ерик „Црвениот“ и доселувањето на Гренланд

Исланд пак, наводно добил такво име како начин да се обесхрабрат луѓето од странство да доаѓаат и евентуално да ја нападнат земјата, особено да се обесхрабрат Викинзите кои биле во потрага за нови територии за пљачкосување. Сепак, ова важи за мит. Наводно, вистинската приказна е дека Исланд го добил името според Флоки Вилгероарсон, исто така од Норвешка, но кој за разлика од Ерик, имал добра репутација на полето на чесноста. Уште кога живеел во Норвешка, Флоки слушнал гласини за некоја далечна и интересна земја, па решил да поведе дел од семејството и пријателите на патување при кое би се увериле за вистинитоста на гласините. Патувањето се покажало како кобно за Флоки, откако една од неговите ќерки се удавила кај Шетландските Острови. Друга од ќерките пак, одбила да го продолжи патувањето кон запад и се омажила при попатното застанување на Фарските Острови. Сеедно, Флоки не се откажувал од намерата да ја најде земјата од приказните, но овој пат се соочил со голем проблем, бидејќи со оглед на тоа дека сега тргнувал од Фарските Острови, не бил сигурен кон која страна треба да се упати. Легендата вели дека тој понел три гаврани со себе и дека ги ослободил во надеж дека ќе му го покажат вистинскиот пат. Првиот се вратил на Фарските Острови, вториот се вратил на бродот одбивајќи да лета подалеку, но третиот одлетал на северо-запад и никогаш не се вратил. Флоки тоа го протолкувал како добар предзнак, претпоставувајќи дека мора да постои некое копно во таа насока и не згрешил. На средина на летото, тој наишол на прекрасна и прилично топла земја. Само замислете го неговото изненадување кога по неколкумесечен престој започнала суровата поларна зима. Флоки и неговата мала група пријатели и семејство едвај ја преживеале, притоа соочувајќи се со многу неволји, меѓу другото и со тоа што им умрела целата стока. За време на тој тежок период, Флоки се искачил на наблиската и највисока планина, од каде што видел голем фјорд полн со пловечки санти мраз. Тогаш решил да ја нарече земјата „ледена“. Кога стигнала пролетта, Флоки без да чека отпловил назад во Норвешка. Заради многуте негативни искуства, дома го пренел впечатокот дека Исланд е страшно место за живеење и дека никој не би требало да оди таму. Вистината е дека Флоки всушност видел само мал дел од земјата и речиси ништо од оние убавини кои денес му се познати на светот.

Floki-Vilgeroarson-Journey-To-Discover-Iceland[1]
Флоки во потрага по Исланд.

Ете, земјата од која три-четвртини се покриени со мраз го добила името Гренланд зашто некој ги излажал луѓето дека е топла и зелена, додека Исланд – од некој што несреќно се излажал во обратното. Зар животот нема добра смисла за хумор?

- Реклама -