Вештачка (не)интелигенција: Казнет бидејќи се почешал по лице додека возел (ФОТО)

Факт е дека вештачката интелигенција значително напредна во последниве години, а воедно, она што можеби уште повеќе напредна, е дистописката атмосфера и ерозијата на личната приватност, особено во Кина. Светските медиуми веќе пишуваа за тамошниот орвеловски амбиент, најизразен преку надзорните камери кои со помош на вештачка интелигенција препознаваат лица речиси инстантно, и веднаш ви праќаат нотификација дека сте казнети ако, на пример, поминете на црвено на семафор.

Меѓу купот причини поради кои треба да сте претпазливи околу ваквите трендови (се надеваме нема потреба да ги набројуваме), сега ни доаѓа и конкретен, апсурден пример, токму од Кина. На маж во Џинан, во источната провинција Шандонг, му стигнала нотификација дека го прекpшил законот разговарајќи на телефон додека возел. Во пораката била прикачена и фотографија од безбедносната камера на која возачот наводно го кpши законот, за што треба да добие 2 негативни поени и да плати 6.5 евра.

Но, на фотографијата, која беше објавена на низа кинески медиуми и друштвени мрежи, доста јасно се гледа дека човекот воопшто нема телефон во раката. И тој самиот тврди дека не се сеќава да користел телефон додека возел. Од друга страна, се сеќава дека се почешал по лицето.

Откако приказната се популаризираше во кинеската јавност, властите излегоа во пресрет и ја поништија каната. Од градската Канцеларија за сообраќај, пак, објаснија како дошло до грешката: „Системот за надзор автоматски ги препознава движењата на возачот, а потоа фотографира и процесира казна“. Со други зборови, вештачката интелигенција зад камерата не прави разлика меѓу тоа дали зборувате на телефон или сте се почешале по увото, на пример.

Корисниците на друштвените мрежи коментираат дека ова е лудо и дека кинеските граѓани заслужуваат приватност. За Кинезите, меѓутоа, ваквите ситуации веројатно се веќе секојдневие, без оглед што не многу од нив стигнуваат до јавноста.

Дополнително, Кина нема намера да запре. Како што пренесе неодамна BBC, во земјата веќе има повеќе од 170 милиони надзорни камери. До 2020-та, владата планира да инсталира уште 400 милиони, зад кои, како што споменавме, ќе оперира софтвер за препознавање лица базиран на вештачка интелигенција.

- Реклама -