Џабе и да сте 1.4 милијарди, камерите во Кина ве препознаваат за само 3 секунди

СПОДЕЛЕТЕ

Почна во 2015-та како проект покренат од кинеското Министерство за јавна безбедност, а целта е да се создаде најмоќниот систем на препознавање лица на планетава. Во соработка со компанијата за безбедност со седиште во Шангај, Кина е на добар пат да му стане „поголем брат“ и на Големиот брат на Орвел.

Кина веќе има вградено повеќе од 170 милиони најсовремени камери за набљудување ширум земјата. Опремени со најмодерниот систем за препознавање лица, во теорија тие би можеле за само 3 секунди да го идентификуваат било кој од своите 1.4 милијарди граѓани. Кина во меѓувреме продолжува со инсталирање на камери – само во септември лани, поставени се над 20 милиони камери ширум земјата.

Една од примените на кинеското масовно набљудување, овозможено од најнапредната вештачка интелигенција и најсовремениот софтвер за препознавање лица, е во хај-тек очилата за сонце на полицајците, на пример. Користејќи го системот, полицијата во централна Кина лесно може да ги воочи осомничените за криминал на железничките станици.

Системот ја помага и сообраќајната полиција. Во Шенжен таа неодамна монтираше 40 комплети камери, под име „Робокап“, со цел да ги идентификува возачите кои не ги почитуваат правилата, како и да го регулира сообраќајот.

Во истиот град, пешаците што ќе поминат на црвено за само пар секунди добиваат известување на телефонот за тукушто добиената парична казна, а на одредени локации нивните лица инстантно се прикажани на големи LED екрани, поставени за да служат за пример за останатите.

Технологијата за препознавање лица се користи и на стадионите, како дел од безбедносните мерки. Со помош на ваков систем, полицијата за два месеца уапсила тројца барани криминалци за време на концертите на кинескиот популарен пејач Џеки Чунг во Хонгконг.

Кина воведе систем за препознавање лица и во други сфери од секојдневнието – од надгледување на студентските домови, па до камери во одредени тоалети за да се спречи крадење на тоалетна хартија…

- Реклама -