Неготино е Кавадарци, сидрото влече напред, Имер Селмани е македонски Барак Обама (ВИДЕО)

Колку повеќе кампања, толку повеќе „бисери“, „мудрости“ и cringe (што би рекле Американците, или по нашки „убила ме туѓа срамота“) моменти. Вчерашниот ден изобилуваше со такви. Не гарантираме дека нешто нема да пропуштиме.

Имено, на митингот во Неготино, пред да замине на митинг во Кавадарци (каде што ја чекаше транспарент со „Гога не е ВМРО“), кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова направи ненамерен гаф и на присутните им се обрати со „почитувани кавадарчани“, со тоа долевајќи масло на прочуеното ривалство меѓу жителите од двата града. Откако публиката изреагира и ја потсети Силјановска дека е во Неготино, таа низ насмевка се извини и се поправи: „Најпочитувани неготинчани…“

https://www.facebook.com/seir2017/videos/329429564379975/

 

На вчерашната Конвенција за промоција на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, што се одржа во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, Пендаровски се обиде да докаже дека владејачката коалиција не се срами од химната, па ги повика присутните сите заедно да ја испеат „и инструментално, и со текстот“ (17:37 во видеото во продолжение).

На конвенцијата свое обраќање имаше и Имер Селмани, кого Пендаровски го најави како „првиот македонски Барак Обама“. Освен на македонски, Селмани се обрати и на албански, повикувајќи ги сите етнички заедници да гласаат за Пендаровски и идејата за „заедничка Македонија“ (22:55 во видеото).

Кога зборуваме за гафови и бисери, неизбежно е да се спомене и тој на премиерот Зоран Заев, кој Пендаровски го нарече „кормило и сидро коешто влече напред“ (55:11 во видеото).

Вчера, исто така, Пендаровски наполни 56 години, па неколку познати македонски пејачи и пејачки му пееја „Среќен роденден, претседателе“, потсетувајќи на „Happy Birthday, Mr. President“ – која Мерилин Монро му ја пееше на Џон Ф. Кенеди. Само што, Бени Нон-Стоп не е Мерлинка, а и Стево Пендаровски уште не е претседател (1:22:55 во видеото).

 

- Реклама -