Седницата презакажана за во 15 часот… Зошто е проблематично барањето на БЕСА?

Седницата на која треба да се гласа за уставните измени беше закажана за 12 часот, но одложена е за во 15 часот. Причината е средбата на Зоран Заев со лидерот на тетовското крило на БЕСА – Билал Касами, на која ќе продолжат преговорите околу барањата на БЕСА да има поинаква формулација за државјанството кај граѓаните од албанска етничка припадност, велат пратеници од власта за САКАМДАКАЖАМ.МК.

За Касами и неговите пратеници спорно е што „македонско/граѓани на…“ – како што е предвидено со Преспанскиот договор, на албански се преведува како „Maqedonаs/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore“, а зборот „Maqedonаs“ во албанскиот има двојно значење – „македонски“, но и „Македонец“. Според тоа, Албанците се нарекуваат Македонци, сметаат од БЕСА, пишува „Фокус“.

Затоа партијата на Билал Касами предлага поинаква формулација на албански: „e Maqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore“. Проблемот со ова, меѓутоа, е што во превод „e Maqedonisë“ значи „на Македонија“, а не „македонско“. Тоа, пред сé, може да биде неприфатливо за Грција, бидејќи таа строго се противи на употребата на зборот Македонија без географската придавка „Северна“, што е и една од главните точки на Договорот. Според тоа, Грција би можела да не го ратификува Договорот дури и ако македонските пратеници ги изгласаат уставните измени.

Од друга страна, токму „македонско“ во описот на државјанството се смета за најголемата „придобивка“ од Договорот и гаранција за македонскиот идентитет. Во тоа се согласни и пратениците од Независната пратеничка група, но и професорот Љубомир Фрчковски. Осумте пратеници се заканија дека не отстапуваат од договореното со Грција и дека ако се прифатат барањата на БЕСА, тие нема да гласаат за уставните измени.

Фрчковски, пак, смета дека барањето на БЕСА е безобразно и директно го напаѓа македонскиот идентитет. Според него, со прифатената формулација „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ никој не ги тера Албанците да бидат Македонци, туку сите што не се етнички Македонци се вклучени во вториот дел од формулацијата – „граѓанин на…“, така што ирелевантно е двојното значење на „македонско“ во албанскиот превод на „македонско/граѓанин на…“.

Во меѓувреме, пратениците и членовите на другото крило на БЕСА – таа на Африм Гаши, на нивните фејсбук профили објавија идентичен текст кој гласи:

„Би ги замолиле медиумите да објават дека барањата се на Билал Касами, а не на БЕСА. БЕСА има јасен став. Само НАТО и ЕУ”.

Поддршката за уставните измени од тројцата пратеници од ова крило на БЕСА воопшто не е спорна.

- Реклама -