Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени доколку се прифатат барањата на БЕСА, велат извори од пратеничката група за „Телма“. Тие инсистираат државјанството да остане само „македонско“, што се коси со барањата на БЕСА.
„Не отстапуваме од она што е од договорено со Грција, односно државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Тоа е нашиот краен став. Тоа е најголемата придобивка и јакнење на идентитетот…
… Не прифаќаме никакви отстапки во имплементацијата на Договорот кои се однесуваат на државјанството и тука нема дискусија. Не прифаќаме никакви чепкања во уставниот законик во однос на преговорите, а кои би се однесувале на државјанството“, велат од независната пратеничка група за „Фокус“.
Собраниската седница беше закажана за денес во 13 часот, а подоцна одложена за во 15 часот, но до моментов не е започната. Одложувањето, барем она првото, беше токму поради преговорите кои премиерот Зоран Заев паралелно ги води со претставниците на БЕСА и осумте пратеници од Независната пратеничка група.