BBC: Косово – миленичето на Западот, сериозно застранува од патот кон НАТО и ЕУ

Ако Косово останува посветено на својот евро-атлантски пат, тогаш во последниве недели драматично застрани од пистата, пишува Гај Делуни, балкански кореспондент за BBC.

Прво ја зголеми тарифата на увоз од соседна Србија на 100%, а сега косовските парламентарци изгласаа и формирање на армија. И двете мерки се спротивни на предупредувањата, заканите и апелите и на Европската Унија, и на НАТО, пишува тој.

Со петочното гласање, лесно вооружените сили за вонреден одговор прераснуваат во косовска петилјадна професионална војска.

Две декади по повлекувањето на српските сили, безбедноста на Косово сé уште ја гарантираат 4.000 НАТО трупи, познати како KFOR.

Српската премиерка Ана Брнабиќ е толку бесна од гласањето, што дури зборуваше и за воен одговор. Српскиот претседател, пак, побара поддршка од Русија и Кина.

ФОТО. Ројтерс

Пред гласањето, Брнабиќ рече дека се надева дека нема да мора да биде употребена српската армија, но дека „е една од опциите на маса“.

По гласањето Брнабиќ е многу повоздржана, ветувајќи дека Србија „ќе остане на својот пат на мирот и просперитетот“.

Србија ја гледа приштинската армија како закана за 120-илјадното етничко српско малцинство на Косово. Таа не го признава Косово, кое прогласи независност пред 10 години.

За НАТО, гласањето претставува проблем.

„Жалам што одлуката да се започне промена во Косовските безбедносни сили беше донесена и покрај загриженоста изразена од НАТО“, рече генералниот секретар Јенс Столтенберг. Тој предупреди дека Западната воена алијанса ќе мора да го „преиспита“ нивото на интеракција на НАТО со Косовските безбедносни сили.

Што тргна наопаку?

Колку само сé беше поразлично пред три месеци, констатира аналитичарот на BBC.

Сé за што се зборуваше на Западниот Балкан беше Србија и Косово да разменат територија за да му стават крај на долгогодишниот спор, чии обиди за решавање траеја шест години со посредство на Брисел.

Ова последно отворено противење и смела непослушност е исто така застранување и од долговоспоставениот статус на Косово како заштитено милениче на Западните сили. Косово, имено, е домаќин на најголемата цивилна мисија на Европската Унија, како и KFOR. Исто така влече корист и од огромна меѓународна помош.

Затоа имаше елемент на „гризење на раката која го хранеше“ Косово речиси цели две декади, кога премиерот Рамуш Харадинај ја обвини шефот на надворешната политика на ЕУ – Федерика Могерини, за „задушување“ на преговорите. „Таа го трансформираше дијалогот за нормализација во дијалог за територии. Ова причини штета на нашиот регион“, рече Харадинај.

И средбата летоска на Могерини со Тачи и Вучиќ делуваше непријатно, но сега односите се многу полоши.

Овој „излив“ на Харадинај не се однесуваше толку на наводната размена на територии, на која Харадинај жестоко се противи, туку повеќе одговор на повторените остри критики од ЕУ кон едностраното наметнување на екстремните даноци на српскиот и босанскиот увоз од страна на Косово.

„Ова дефинитивно оди во насока против духот на соработка во регионот“, изјави Могерини во понеделникот. „Очекувам владата на Косово да ја повлече одлуката. Уште сум убедена дека двете страни можат да продолжат со плоден дијалог“.

Но, другите се помалку оптимисти.

Што следува сега? 

„Сега сум позагрижен за односите меѓу Србија и Косово отколку што бев долго време наназад“, вели Џејмс Кер-Линдсеј – специјалист за Балканот на Лондонската школа за економија.

„Дијалогот не беше добар веќе неколку години, но имаше одредена рамнотежа. Сето тоа сега е фрлено низ прозор и тешко е да се предвиди каде ќе оди сето ова“, вели тој.

Одлучноста на Косово да ги претвори своите лесно вооружени безбедносни сили во армија само ги влоши работите.

Пред гласањето, НАТО веќе предупреди на „сериозни реперкусии по иднината на косовската евро-атлантска интеграција“, но тоа не ги спречи косовските парламентарци да ги изгласаат промените, со исклучок на етнички српските парламентарци, кои ја бојкотираа сесијата.

Една светла точка за Приштина е што САД, можеби и очекувано во расчекор со Брисел и НАТО, го поддржа формирањето на армија. Американскиот амбасадор на Косово – Филип Коснет, увери на американската поддршка за косовска војска, нарекувајќи го „суверено право на Косово“. Но тој истакна дека транзицијата кон регуларна армија ќе биде „постепен“ процес за кој ќе бидат потребни 10 години да се комплетира.

Зошто воопшто потреба од формирање на армија?

Постои значителна фрустрација во Приштина поради фактот што ЕУ не остана доследна на посветеноста да им дозволи на жителите на Косово безвизно патување во Шенген зоната.

10 години од неговото еднострано декларирање на независност од Србија, Косово сé уште нема многу од ознаките за државност. Унапредувањето на безбедносните сили во армија, ако ништо друго, штиклира едно од полињата.

Но Џејмс Кер-Линдсеј верува дека „истрчаноста“ ќе се докаже како контрапродуктивна за Косово.

 

„Ова не е начинот на кој се работи со ЕУ. Едноставно не можеш да почнеш да ги предизвикуваш и да стануваш конфронтативен“, предупредува тој.

Тој верува дека „заштитеното постоење“, со 10 години поддршка од ЕУ и НАТО, го оставило Косово „дезориентирано“. Сега кога почна нова фаза во односите со ЕУ, ќе важат и нови правила.

Долгорочно гледано, се чинеше незамисливо дека Косово ќе му го сврти грбот на Брисел. Но, барем во моментов, дефинитивно изгледа дека му дава корпа (Делуни го користи изразот „cold shoulder“).

Извор: BBC

- Реклама -