150 години од првиот семафор во светот (ВИДЕО)

До пред 150 години, на улиците во градовите владееше или хаос, или сите сообраќајни правци и раскрсници ги регулираа полицајци. Тоа се промени во 1868 година, кога во Лондон пред Вестмминстерската палата е поставен првиот семафор, пишува BBC.

Со повеќе од 1.000 смртни случаи на лондонските улици на почетокот на втората половина од 19. век, надлежните морале нешто да направат околу проблемот. Џон Пик Најт – железнички инженер, го имал решението, кое не случајно наликувало на железничката сигнализација. Па така, првиот семафор работел на гас, а имал и подвижни „раце“, управувани од полицаец со помош на рачки. Се состоел од три семафорски раце со црвени и зелени гасни лампи за ноќна употреба, поставени на столб висок 6.7 метри. Кога „рацете“ се кревале во хоризонтала означувале „Стоп“, а потоа ќе се спуштеле под агол од 45 степени за да им сигнализираат на возачите дека треба да продолжат со „Претпазливост“. Ноќно време црвеното светло значело „Стоп“, а зеленото „Претпазливост“.

Сепак, кариерата на првиот семафор била кратка. После само месец дена работа, истекување на гас од дотокот до семафорот предизвикало серија експлозии во кои полицаецот што го управувал претрпел сериозни повреди.

Оттогаш па до првиот електричен семафор, Лондон чекал повеќе од половина век. Првите електрични семафори дошле од САД, а првиот модерен семафор со црвени и зелени светла е поставен во 1912 година во Солт Лејк Сити. Мозокот зад изумот бил Lester Wire, a 5 години подоцна во истиот град се појавил и првиот вмрежен систем на семафори, управуван од една точка, а кој контролирал сообраќај на 6 раскрсници. Автоматската контрола на времежените раскрсници е воведена во март 1922 година во Хјустон, Тексас.

Првиот семафор кој регулирал сообраќај во сите четири смера на раскрница, и со три бои, е направен во 1920 година во Детроит.

- Реклама -