Блогерка на суд бидејќи тврдела дека се излечила од рак со здрава исхрана

Австралиската блогерка Бела Гибсон си папаше тужба откако се покажа дека ја лажела јавноста кога тврдела дека го победила ракот благодарение единствено на здрава исхрана.

Притоа Гибсон инсистирала луѓето да ја купат нејзината книга и да ја симнат нејзината апликација, а таму – рецепти и реклами за производите користени во рецептите, кои наводно ѝ помогнале да ја излечи болеста.

Но подлоста не запира таму. Сето тоа се одвивало под маската дека дел од парите за книгата/апликацијата/продадените производи ќе одат за хуманитарни цели. Ај погодете каде отишле, а каде не отишле парите…

Во меѓувреме, по медиумите: „Најинспиративната жена што сте ја сретнале годинава“

Сега судот наложи 25-годишната блогерка да ги исплати сите 410 илјади долари што ги заработила. Казната за лажењето и наведувањето на болни луѓе да ја баталат медицинската терапија допрва ќе ѝ биде изречена.

Гибсон се прослави во 2013-та, кога и ги распосла своите книги по Фејсбук и Инстаграм, откако наводно ѝ беше дијагностициран тумор на мозокот на 20-годишна возраст. Според нејзината приказна, докторите ѝ рекле дека ѝ остануваат 5 месеци живот. Неколку месеци подоцна објави дека го излечила, без медицински лекови.

Кога јавноста ја приклешти и почна да ја истражува веродостојноста на нејзините тврдења, Гибсон призна дека никогаш не боледувала од рак.

Не е така едноставно

Линк до статијата од сликава: КЛИК.

Приказната е многу покомплицирана од ова. Како прво, од нејзината лага не профитираше само таа лично. Пари лапнаа и еден куп други компании; Гибсон беше општ хит во целокупната индустрија на велнесот и здравата исхрана. Дури и Apple ја стави нејзината апликација на својот iWatch. Списанијата и телевизиите и те како ја помогнаа нејзината слава, и ќарија гледаност и читаност, ако ништо друго.

Како второ, излезе дека Гибсон и самата си поверувала на лагата. Од денешен аспект вели (парафразирано): „никогаш сум немала рак, ама живеев исто како да го имам“. Можеби тоа е и клучната причина што измамата и успеа (макар привремено).

Ако вас ви е нејасно, на експертите т.е. психолозите им е јасно. Го викаат Минхаузен синдром. Минхаузеновиот синдром е фикционо (пациентот си измислува) ментално пореметување при кое лицето верува или се преправа дека е болно, или намерно се разболува или повредува.

Се јавува како резултат на сериозни емотивни тешкотии и голема потреба од внимание.

„Животот ми e/беше толку многу комплициран, што полесно е да претпоставам дека лажам/лажев… Кога го немам одговорот, тогаш на некој начин самата си теоретизирам и си создавам свој. Мислам дека човек лесно може да прибегне кон такво решение кога не го знае одговорот“, вели Гибсон.

Како тоа никој не го забележа пореметувањето на Гибсон?

Д-р Мичел Бирн – клинички и форензички психолог, ја има црешата на шлагот во приказнава: „социјалните мрежи го влошуваат нарушувањето“.

„Фикционото нарушување е самопогонувачко и самоодржливо, помогнато од вниманието кое болното лице го добива. Болните од синдромот кои користат социјални мрежи, имаат поширока публика, и оттаму и поголема платформа за да го добијат вниманието по кое трагаат со тоа што се преправаат дека се болни“…

… Што направило Гибсон уште повеќе да си поверува во лагата, а и да биде поубедлива за другите.

Па ете, не верувајте слепо на ништо што ќе прочитате кога е од голема важност како борбата против ракот, особено не кога вклучува пари, во било каква форма. Дури и кога  „излечениот“ ви изгледа искрен, зашто можеби и самиот си верува.

- Реклама -