Новата бизнис класа на Qatar Airways

На почетокот на месецов, Qatar Airways ја претстави својата нова револуционерна бизнис класа, која ништо чудно да им ги зголеми апетитите на деловните патници, генерално.

Новиот дизајн беше покажан премиерно на блескавата церемонија на изложбата ITB Berlin, која е најголемата туристичка светска изложба.

За дизајнот на уникатните патентирани седишта, кои практично се „сепариња“, биле потребни две години. QSuite е првиот концепт на бизнис класа во индустријата што вклучува брачен кревет, и тоа со подвижни панели за изолација, кои им овозможуваат на патниците на соседните седишта да формираат своја сопствена приватна соба. Притоа, во секоја соба ќе има барем по еден телевизор.

На целата таа удобност, Qatar Airways воведе и нов концепт за храната и пијалоците, вклучувајќи многу поголем избор во менито. Освен опцијата за вечера „on demand“, бизнис класата ќе нуди и „споделени јадења“, со кои практично добивате услуга како во ресторан, и можете да порачате храна за целата маса, со што јадењето во Qatar Airways се претвора во друштвено искуство.

За патниците кои ќе решат да поспијат малку повеќе, и на вратите од „собите“ да закачат „не вознемирувај“, Qatar Airways предвидува „експресна закуска“ во секое време.

Верна на титулата „Најдобра бизнис класа во светот“ што им ја додели Skytrax во 2016-та, бизнис класата на катарската авиокомпанија ќе продолжи да ги воодушевува патниците и со нови и елегантни порцелански садови и прибори, мек мебел и луксузни покривки. Самите седишта, пак, блескаат со лукзусни детали, како рачно вшиена италијанска кожа и финиш со розев сатен.

Освен тоа, компанијата воведува и нов кориснички интерфејс на својата платформа за забава. Со тоа патниците ќе имаат можност да изберат меѓу 3000 забавни опции. Платформата предлага филмови, игри, а за децата има специјално детско мени.

Од компанијата најавуваат дека од почетокот на летото, летовите на Qatar Airways ќе нудат најдобра интернет врска за време на летањето. Во меѓувреме, воведувањето на новиот концепт на бизнис класата QSuite ќе почне од јуни годинава, со темпо од еден авион месечно.

Qatar Airways е една од најбрзорастечките авиокомпании, и со една од најголемите флоти во светот. Располага со 194 авиони, кои летаат на повеќе од 150 клучни бизнис и туристички дестинации, на шест континенти. Најавуваат дека од годинава ќе додадат и други нови дестинации во својата мрежа, меѓу кои и Скопје.

Полека, но сигурно, Qatar Airways ја враќа златната ера на летањето.

 

- Реклама -