Летањето беше многу позабавно пред 50-тина години

Во денешно време, авионскиот транспорт е сведен претежно на илјадници помали компании кои нудат евтини летови, но со тоа и најтесните и најнеудобните можни места. Додека за многумина приоритет на летањето е едноставно да стигнат од точка А до точка Б, за оние што летаат почесто, авионите се безмалку кошмар, што е разбирливо. Со текот на времето, компаниите сé повеќе се стремат кон тоа да превезат што повеќе луѓе со еден потег, при што страда просторот доделен за секој патник. Ербас има редовни обиди за редизајн на патничкиот простор токму во насока на тоа да собере двојно повеќе патници, а барем еден е со сигурност патентиран – и тоа оној во кој седиштето на едниот е буквално на главата на другиот.

aeroplane%20seats[1]
Момент од „генијалниот“ патент на Ербас.

Во некои поранешни времиња, пак, летањето беше сосема обратното. Не само што не се одеше на најевтини карти и најевтината рута, туку постоеше и нешто што се вика послужување. Во 1950-тите и 60-тите, летањето беше луксуз резервиран само за богатите и елитата. Таа класа луѓе очекуваше ист третман на небото каков што добиваше и на земјата – коктели, гламур, гурманска храна, пура или цигара кога ќе им се присака и врвна услуга. Во тоа време, таквите понуди беа стандард – авионски ресторани со 5 ѕвезди, лично послужување, па дури и поединечна соба за релаксација и престој.

Многумина ќе се согласат дека средината на 20-от век е златната ера на патничката авијација. Да, денес е полесно и поевтино да се лета од било кога порано, но луксузот од тоа време (кој можеби чинеше повеќе, ама беше гарантиран) е недостижен за денешните комерцијални летови. Да не се лажеме, тој не само што уште постои, туку и е значително „еволуиран“, но е резервиран за приватните летови на екстремно богатите. Нас другите уште некое време ќе не лажат со „прва класа“.

- Реклама -