Олимписките медали во Токио ќе се прават од рециклирани мобилни телефони

Како што соопштија вчера организаторите, Јапонците ќе бидат повикани да ги донираат старите мобилни телефони и другите мали апарати, со цел да се соберат два тона злато, сребро и бронза, потребни за петте илјади олимписки медали кои ќе им се доделат на најуспешните спортисти на Олимписките и Параолимписките игри во Токио во 2020-та година. Со тоа, организаторите се надеваат ем да го промовираат концептот на рециклирање, ем да ги намалат трошоците.

„Проектот што им овозможува на жителите на Јапонија да учествуваат во правењето на медалите е многу добар. Со таквото рециклирање мислиме и на околината“, рече спортскиот директор на организациониот одбор – Коџи Мурофуши.

Така, во јапонските канцеларии и продавници од април ќе бидат поставени посебни кутии во кои ќе се собираат уредите. За разлика од Токио, градовите-домаќини на Олимписки игри досега традиционално ги набавуваа металите од рударски компании. Сега Токио се „заканува“ да наметне нов тренд кој ќе продолжи и во иднина.

- Реклама -