Краток туторијал: Како да направиш пари од глупава идеја?

Алекс Крег има 24 години и заработува 10.000 долари месечно… Како? Праќа пораки преку компири.

Не, не се зезаме. Во мај годинава, Алекс го отвара веб-сајтот potatoparcel.com преку кој луѓето плаќаат за да испратат анонимна порака до било кој од пријателите, напишана на компир, рачно, со маркер. Токму тоа му е работата на Алекс, да го исшкрта компирот со бараните зборови, да го спакува во коверт и да го испрати на бараната адреса. За еден компир му треба отприлика 30 секунди работа, а услугата чини од 8 до 10 долари.

Кога за прв пат и ја соопштил бизнис идејата на својата девојка, таа одговорила дека никогаш не слушнала „нешто поглупо“. Арно ама, младиот Тексашанец не се поколебал, а веќе по првата тура пратки заработил 2.000 долари. Сега, неговото „лудило“ му носи 10.000 долари месечно.

Според Алекс, има две главни причини што им попречуваат на луѓето да успеат во животот:
1. Стравот од неуспех и залудно потрошено време
2. Сомнежот дека всушност си способен да направиш нешто големо и важно во животот, од големи размери

Во продолжение зборува нешто за тоа како праќањето пораки на компир можат на некого да му го разубават денот и бла бла бла, ама се разбира, сето тоа е само маркетинг и е ирелевантно за нашиот скромен „туторијал“. Она што е важно е заклучокот што можете да го извлечете од оваа приказна, а тоа е:

– Никогаш не го потценувајте бројот на глупави/мрзливи луѓе на Интернет, а особено не ја потценувајте вашата способност да профитирате од истите тие луѓе.

- Реклама -