Топ 5 најлоши смартфони за 2013-та

Можеби сеуште е рано да се прават топ листи на најголемите промашувања за 2013-та година со оглед дека остануваат уште неколку месеци за некој уред да влезе во листата, сепак мислиме дека тајмингот е совршен бидејќи не веруваме дека новите смартфони на Google, Nokia, LG и останатите до толку ќе не разочараат како овие пет смартфони кои се најдоа на нашата листа.

 5. BlackBerry Z10 сакале или не мора да го сместиме на оваа листа од неколку причини. Како прво сите очекувавме првиот смартфон на канадската компанија со екран на допир комплетно да не воодушеви со надеж дека има потенцијал да го замени и iPhone во продажбата. Наместо тоа добивме 4 инчен смартфон со екран на допир со средно ниво на резолуција и многу слаби компоненти. Приказната на BlackBerry дека на нивните корисници не им се потребни повеќе перформанси и дека софтверот е оптимално уреден потона како торпедиран брод. BlackBerry Z10 е за жал смартфон од ниската класа со многу висока цена, а канадската компанија целосно потфрли и во делот на софтверот и на новиот оперативен систем BlackBerry 10 му недостигаат многу популарни апликации и подобар кориснички интерфејс, па затоа и продажбата беше очајно лоша.

BlackBerry Z10

4. Nokia Lumia 925 е следен на листата и многумина ќе се изненадат со оглед на позитивниот развој кој и се случи на финската компанија во последните девет месеци. Проблемот со овој смартфон е што речиси воопшто не се разликува од неговиот претходник Nokia Lumia 920, ист екран, ист хардвер, ист софтвер, иста камера, речиси идентична копија со минимални подобрувањa во делот на дизајнот со алуминиумското тело. За среќа на Nokia веднаш по ова разочарување следеше одличниот камера-смартфон Nokia Lumia 1020, како и конечното надополнување на софтверот на Microsoft кој дозволи употреба на четири-јадрени процесори и Full HD екрани, точно на време пред бродот на Nokia целосно да потоне. Затоа Nokia Lumia 925 не се наоѓа на врвот на листата, но е доволно лош за да не потсети да го сместиме на четвртото место.

nokia lumia

3. HTC First е смартфон кој целосно разочара. Сигурно ќе се прашате како може да згрешат еден од најдобрите производители на мобилни и гигантот Facebook. Одговорот е правејќи уред кој нема да му биде од никаква корист на никого. Социјалната мрежа и онака е премногу присутна во нашите животи на сите можни начини, па посебен телефон посветен токму на Facebook заедно со новиот Android интерфејс Facebook Home не му беше привлечен на никому. HTC First помина катастрофално во продажбата, а ништо подобро не помина ни интерфејсот Facebook Home кој по лансирањето имаше голем број на проблеми, за на крај речиси и никој да не се сеќава дека ваков софтвер за Android постои, но не и ние, па затоа му го доделуваме бронзениот медал.

htc first

2. iPhone 5c е телефон кој се наоѓа на високото второ место не многу заради неговите лоши спецификации или недостиг на перформанси, туку чисто поради големата манипулација на Apple со кампањата дека токму ова е „евтиниот iPhone“ што воопшто не е така. Сите аргументи зошто Apple направи голема измама се изложени во нашата детална анализа каде се наведени и причините зошто овој смартфон нема да успее на пазарот, предвидување кое како што гледаме според најновите извештаи за продажбата на iPhone 5c се покажа како сосема точно. iPhone 5c не е никаков напредок во однос на неговиот претходник iPhone 5 освен тоа што доаѓа со пет различни бои на маската, се друго е речиси идентично, па затоа овој смартфон иако е изработен од семоќниот Apple го заслужува високото вицешампионско место на листата на најлоши смартфони за 2013-та година.

iPhone 5c

1. Samsung Galaxy S4 Zoom е сигурно уште еден уред кој делува како вистинско изненадување што се наоѓа на оваа листа и тоа на самиот врв. За да бидат работите појасни се работи за верзијата на Galaxy S4 со екстра камера, но да бидеме реални овој уред повеќе личи на дигитален апарат со телефонска слушалка. Несупехот на Samsung се гледа во недостигот на креативност и развој на уред кој ќе се натпреварува во сегментот камера-смартфон како одличните Nokia Lumia 1020 со моќен PureView сензор од 41 мегапиксел и најновиот Sony Xperia Z1 кој има одлична CyberShot камера од 21 мегапиксел. Тоа што ги прави привлечни овие два камера-смартфони е што се сосема практични за употреба, за разлика од „дигиталката“ Samsung Galaxy S4 Zoom.

samsung-galaxy-s4-zoom(1)

Како што прочитавте оваа листа ги содржеше пред се оние смартфони од високата класа во кои беа вложени големи надежи, а истите воопшто не ја оправдуваат цената по која се продаваат, ниту пак се покажаа како подобри уреди во категоријата во која се натпреваруваат соочени со директните конкуренти, затоа сите пет „врвни“ смартфони сосема заслужено се најдоа на топ 5 листата на најлоши за 2013-та година.

Текстот е објавен во соработка со telefoni.com.mk

- Реклама -