Вептачката интелигенција во борба против гладта

Како го замислувате светот во 2050 година? Летечки автомобили, роботи кои ни помагаат во домашните работи? Животот сигурно ќе биде убав за мал дел од светската популација со сета таа софистицирана технологија, но големи се шансите милијарди луѓе да се борат со нешто што го мачи човештвото со векови – гладот.

Експертите проценуваат дека во 2050 година планетата ќе биде населена со 9,1 милијарда луѓе, па земјоделците ќе мора да произведуваат 70 отсто повеќе храна отколку денес. Со сегашните климатски услови тоа изгледа речиси невозможно, бидејќи од година во година се зголемува интензитетот на поплави, суши и други временски непогоди.

Климатските промени се најголемата закана за производството на храна денес, а борбата против овој наш непријател се води на многу фронтови. Што се однесува до земјоделството, производството на храна мора да ги намали емисиите на стакленички гасови бидејќи системите за храна во моментов се одговорни за 30 отсто од глобалните емисии, додека од друга страна, земјоделците треба да се прилагодат на тешките и непредвидливи временски услови за да ги минимизираат загубите.

За среќа, технологијата напредна, па земјоделците денес имаат на располагање вештачка интелигенција, роботика и манипулација со гени за да им помогнат да го одржат и подобрат производството.

Химаншу Гупта, еден од најистакнатите претприемачи во областа на климатските промени, од прва рака доживеал како е да останеш без храна. Според Светскиот економски форум, бабата на Гупта често мешала млеко со вода за да го прехрани своето семејство од 16 членови.

Овој индиско-американски претприемач сега е решен да им помогне на земјоделците кои се соочуваат со влошената климатска криза со користење на вештачка интелигенција.

Прочитајте и:  Секој актер длабоко во себе посакува да ја добие таа статуетка

Неговата компанија ClimateAi им овозможува на корисниците увид во детални и долгорочни прогнози благодарение на машинското учење, односно вештачката интелигенција. Прогнозите се базираат на голем број податоци кои меѓу другото ја вклучуваат историјата на временските услови во одредена област, воспоставените временски обрасци и климатските промени како важен фактор. Ваквите предвидувања се карактеризираат со висок степен на точност, па земјоделците ќе знаат дали може да очекуваат суши, поплави и други временски непогоди и до шест месеци однапред.

Корисниците на платформата ClimateLens на Gupta можат да се пријават во секое време и да добиваат клучни предупредувања и податоци што им овозможуваат да ги приспособат своите инвестиции, да дејствуваат навреме за да ги заштитат своите посеви и да изберат генетски модифицирани семиња кои се отпорни на претстојните временски услови.

Пред вештачката интелигенција стојат и други технолошки помагала кои земјоделците денес се повеќе ги користат. Дроновите се едно од најчестите иновативни решенија во земјоделството, а најчесто се користат за следење и прскање на растенијата. Има и роботи, кои се повеќе ќе ги има во земјоделството, а во некои делови од светот веќе влечат трева и извршуваат други тешки задачи.

Се чини дека денешното земјоделство, а особено земјоделството на иднината, не може без напредна технологија ако сакаме да обезбедиме максимални приноси и да спречиме глад. Производството на храна во огромни размери бара напредни и паметни решенија и за среќа ги имаме.

Милена Магловски

Извор: energetskiportal

- Реклама -