Зошто Windows не дозволува да креирате фолдер со име CON?

step+2[1]

Не верувате? Пробајте де.

Колку и да се трудите да креирате фолдер со име CON, не можете. Не можете ниту да преименувате веќе постоечки фолдер – ако се обидете, името ќе се врати на она што го имал претходно.

Во принцип ова е стара вест. Беше хит некаде во 2007, 2008; се рашири како урбана легенда која се ширеше преку и-мејл. Ама чекај малку, само што се уверивме дека е вистина; како тоа урбана легенда? Урбана легенда беше во поглед на причините – во овие мејлови се шпекулираше дека дури ни самите компјутерски инженери на Microsoft не знаат зошто CON не може да се искористи како име на фолдер. Подоцна се појавија и други теории: главната беше дека Бил Гејтс намерно го забранил CON, затоа што така го викале во средно: con во превод значи „измамник“, ама има и друго значење – „бубалица“.

Се разбира, вистинската причина не е толку забавна. Уште од самите почетоци, Microsoft убаво ја има документирано неможноста да се креира фолдер со име CON. Имено, името е „резервирано“; тоа датира од времето на MS-DOS и е кратенка од console. Дури не е ни единствено: такви се и PRN, AUX и NUL. Windows нема да ви дозволи да создадете вакви фолдери, бидејќи истите веќе постојат и се резервирани за системски фајлови.

Од друга страна, оваа пречка може да се заобиколи користејќи ја правата секвенца од команди во „командниот промпт“ (command prompt), ама се разбира, тоа е строго непрепорачливо, освен ако добро знаете што, како, и зошто правите.

 

- Реклама -