Зошто американските пилоти на дронови масовно даваат откази?

Да се најде пристојна и сигурна работа не е лесно, а особено таква што нуди гарантирана плата, бонуси, бенефиции и углед. Истото, во помал степен, важи и за САД, па затоа многумина си го наоѓаат местото под државна капа, особено во американската Армија.

drones

Да успееш да влезеш во нивните редови и притоа добро да стоиш со технологија, значи дека имаш речиси гарантирана шанса да си играш со прилично скапи играчки – пред сé, со дронови. Колку и да ви се чини дека тоа е супер работичка и дека практично е како играње видео-игра, статистиките велат дека пилотите на дронови масовно фаќаат џаде од таквото работно место и ја напуштаат армијата. Што им е па нив сега бутур?

Според бројките, речиси цела четвртина од воените пилоти – обучени и овластени да управуваат дронови, ја напуштаат работата, годишно! Како главни фактори се сметаат заморот, стресот, самиот товар на војната и видливиот недостаток на почит од страна на претпоставените и колегите од другите армиски оддели.

Армијата на САД обично располага со околу 1000 управувачи на дронови. Овие пилоти обично летаат два вида мисии: повеќето се од типот на набљудување и разузнавање, мисии во кои преку камери се собираат информации од теренот, се набљудуваат мети од интерес или им се чува грбот на воените копнени сили; другиот тип на мисии, поретки, се борбените мисии, во кои дроновите се опремени со артилерија и проектили и бомбардираат копнени цели. Очекувано, вториов тип „коси“ многу повеќе пилоти.

drone-pilots[1]

Иако работат во атмосфера што потсеќа на модерно опремена видео-играчница, контролирајќи летечки машини и напаѓајќи странски цели од далечина, пилотите се потполно свесни за вистинските последици и штети од нивната работа, како и за ризикот на кој ги изложуваат колегите на копното во случај да потфрлат. За разлика од воените пилоти, кои обично напаѓаат молњевито брзо и ја напуштаат борбената зона уште пред чадот од експлозијата да се расчисти, пилотите на дронови најчесто ги набљудуваат метите со часови и часови (некогаш и со денови) пред да нападнат, а по нападот продолжуваат со надгледување за да се осигураат дека ја завршиле работата. Долготрајната тензија и стрес, но и интимната поврзаност што ја развиваат со копнените колеги, а и со метите, ја прави нивната работа уште потешка, ментално.

Прочитајте и:  Дуда: Зеленото светло од САД за напади во внатрешноста на Русија може да биде одлучувачко за војната

Дури и работата на оние што летаат набљудувачки мисии не е за потценување. Овие пилоти работат по 12-14 часа дневно, шест дена во неделата. Годишно, тоа се околу 1.800 часови зад контролите на леталото. За споредба, нивните колеги од воздухопловството имаат 6 пати помала годишна квота на летање – околу 300 часа.

Згора на сето ова, пилотите на дронови се сметани за војници од втора класа, по нашки – буљаши, особено од страна на нивните колеги кои не ги поминуваат деновите во удобни фотелји и не си го гледаат семејството по неколку месеци; нешто слично на она кога докторите ги омаловажуваат забарите дека не се вистински доктори.

pilot

На крајот, заклучокот е дека служењето во армиските редови е прилично стресна работа, а менталниот товар и одговорност – огромни. Тоа особено важи за управувачите на дронови и е главната причина што тие масовно бегаат од воените редови, и покрај фактот што Воздухопловните сили на САД воведоа значајни бонуси за сениорите. Се чини дека малку има заинтересирани да останат доволно долго за да ги добијат, што резултира со тоа војската на САД да има многу повеќе дронови отколку пилоти за нив.

- Реклама -