Зеленски: Со заземањето на Бахмут Москва ќе има отворен пат за окупација на источна Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека во случај на заземање на Бахмут, за кој со месеци се водат борби, руската армија ќе има „слободен пат“ да ги окупира градовите во источна Украина.

„Разбираме дека по Бахмут би можеле да одат понатаму, би можеле да одат во Краматорск, во Словјанск, патот би бил слободен за сите Руси… до другите градови во Украина. За нас тоа е стратешко прашање“, рече Зеленски во синоќешното интервју за CNN, нагласувајќи дека украинските војници се решени да го одбранат тој град.

Руската армија се обидува да го заземе Бахмут сметајќи дека е важен за продолжување на нејзината офанзива, и покрај жестоката одбрана од страна на Украинците.

„Бахмут е важен за одбрана на украинските војници во Донбас“, изјави вчера рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, и додаде дека неговото заземање ќе овозможи спроведување на „нови офанзивни операции во длабочина“.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Но Зеленски, за CNN, вели дека вооружените сили на Украина се решени да останат во Бахмут.

„Вчера имав состанок со началникот на Генералштабот и воените команданти и сите тие рекоа дека треба да останеме силни во Бахмут“, изјави украинскиот претседател, потенцирајќи дека, „секако, треба да се земат во предвид“ животите на украинските војници.

„Но, ние треба да направиме сѐ што можеме додека добиваме испораки на оружје и нашата војска се подготвува за контраофанзива“, додаде тој.

Шефот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин, денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут.

Најдолгата и најсмртоносната битка од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година се води токму околу Бахмут. Градот, кој сега има околу 4.000 жители во споредба со 70.000 пред инвазијата, е во голема мера уништен.

Извор: МИА

- Реклама -