Зеленски: Западот треба да се обедини за да ја запре Русија

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос го повика Западот да поддржи заеднички фронт против рускиот претседател Владимир Путин и да ја зголеми поддршката за Киев, со цел да се осигури дека Москва нема да победи во војната.

– Западното колебање во помагањето на Украина и стравувањата од ескалација на војната со Русија чинат време и би можеле да доведат до продолжување на борбите со години. Всушност, Путин ја персонифицира војната. Тој нема да се промени. Но, ние мора да се промениме. Сите мораме да се промениме до тој степен што лудилото во главата на овој човек и на секој друг агресор да не победи, наведе Зеленски.

Украинскиот претседател истакна дека е против замрзнување на конфликтот на сегашната линија на фронтот.

– Путин е предатор кој не се задоволува со замрзнати производи, посочи Зеленски.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Форумот во Давос се одржува кога трупите на Киев се префрлаат на одбранбена тактика, откако минатогодишната контраофанзива не успеа да ја пробие руската одбрана во окупираните јужни и источни делови од Украина.

Зеленски исто така ги повика големите бизниси да инвестираат во неговата земја и да се вклучат во обновата на земјата.

Одговарајќи на прашања по неговиот говор, Зеленски наведе дека добил „позитивни сигнали“ за деблокирање на финансиската поддршка од ЕУ. Тој се надева и оти САД ќе одобрат нова помош за неколку недели.

Зеленски во Давос имаше средби со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со директорите на дел од фирмите за меѓународните инвестиции, како што се „ЏиПи Морган Чејс“ (JP Morgan Chase), „Блекрок“ (Blackrock), „Арцелор Митал“ (Arcelor Mittal) и други.

- Реклама -